На денешен ден во Црвена вода објавен е манифестот за ослободување

  • Пишува: Диме Ратајкоски

„И тргнавме кон Дебрца… таму го создадовме Главниот штаб на Македонија. Венко е член на Главниот штаб. Кој е уште? Доаѓа Ченто (пауза), заедно со Венко се многу добри пријатели. Михаил Апостолски и се придружува на групата, тој е генерал, ја води македонската војска. Пирузе (пауза), еден светол образ кој никогаш нема да го заборавам! И заедно со Венко се создаде групата, разбирате ли? Ченто, Венко, Пирузе, Апостолски, прв беше Апостолски… Се формираше Главниот штаб, се потпишаа сите членови. Венко пишува писма до целата интелегенција во Македонија, за да пристапат кон партизанските одреди… Веќе сме во селото Црвена Вода, таму долго време останавме. Tаму Венко го напиша Манифестот на Главниот штаб. Венко Марковски е автор на Манифестот! Се познава дека Манифестот е напишан од Венко, целиот е напишан со огромно чувство на одговорност и со љубов за идното ослободување на Македонија!” – со слободарски ведар дух, раскажуваше пред камерата Фила Марковска.

Овие спомени од виорот на револуцијата и беа најдраги на Венковата сопруга. Говореше со блага насмевка, а очите и збираа солзи. И навираа слики од војната, одново го преживуваше минатото. Со леснотија се сеќаваше на 3 октомври 1943 година, кога во селото Црвена Вода во Дебрца, Главниот штаб го објави Манифестот за ослободувањето на Македонија, обмислен и напишан од раката на нејзиниот сопруг. Го немаше пред себе најскапоцениот документ од револуцијата, но ги паметеше сите зборови од него, зошто беа напишани со срце:

БРАЌА СЕСТРИ, МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНКИ!

„…Ние идеме спрема лице на новите големи борби. Се работи за судбината на нашата земња. Бије последниот час. Ве викаме вас, синови и ќерки на македонскиот народ да се сплотите во борбените редови на нашата Народно-ослободителна војска на Македонија. Ве викаме со небројни сили да удираме по сите непријатели на нашата слобода и независност. Ве викаме и вас, стари илинденски борци да стапите во редовите на нашата војска. Одново воскрснуват славните денови на Крушевската република и Илинденското востание. Те викаме и тебе, јунашка младино на Македонија, што даде толку жертви во борбата за слободата на својот народ. Те викаме тебе, македонски народе, да стапиш тврдо во нашите редои. Деновиве што идат ке ја решат твојата судбина…”

Двете фотографии се од приватниот архив на генералот Михајло Апостолски. Првата е од огромно историско значење за Македонија, иако заматена и неквалитетно изработена (оригиналот) сепак ја дава презентацијата на Манифестот пред собраниот народ и партизанските одреди на Македонија во селото Црвена Вода. А втората е приказ на давање партизанска заклетва на македонските младинци, идни партизани, пред генералот Апостолски и Главниот штаб, спремни да ги дадат своите млади животи за долгопосакуваната слобода и држава.