АктуелноЛокално

Изработен фонт според „Решението од Президиумот на АСНОМ„ од 16 мај 1945 година

Македонскиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски изработи фонт именуван како АСНОМ скрипт. Станува збор за фонт кој го претставува изгледот на македонските кирилични ракописни букви напишани во „Решението од Президиумот на АСНОМ“ од 16 мај 1945 година.

„Чест и задоволство ми е да го промовирам мојот нов фонт – Асном скрипт. Фонтот е всушност оживување на изгледот на македонските кирилични ракописни букви објавени во Решението од Президиумот на Асном од 16 мај 1945 година. Настојував да ги задржам нивните основни карактеристики, со мали измени неопходни за дигитализација. Да пишуваме на македонска кирилица, да ја негуваме и промовираме како бесценето културно богатство и еден од клучните темели на нашиот идентитет.“ – Напиша на својот фејсбук профил креаторот Ласко Џуровски.

Инаку тој е и креатор на идејните и ликовно-графичките решенија за изгледот на банкнотите од 200 и 2000 денари, книжните пари кои се во циркулација од 2016 година, а изработката на овој фонт не е негово прво вакво дело. Претходно, пред нешто повеќе од половина година, Џуровски објави и фонт според „ракописот-краснописот“ на Рацин.