Собранието ги изгласа штетните измени во Законот за социјална заштита за кои алармираше Левица

  • Реакција на Политичката партија Левица.

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита, со кои се усложнуваат процедурите за стекнување и користење на правата кои ги имаат лицата со попреченост.

Левица, уште во декември минатата година, во реакција поткрепена со аргументи, предупреди за последиците кои ќе настанат доколку се изгласаат измените на Законот за социјална заштита. Овој закон беше предложен од претходната министерка, Јагода Шахпаска, додека законот се усвои додека со ова министерство раководи новата министерка, Јованка Тренчевска.

Ова експлицитно покажува дека нема никакви измени во политиките на новите кадровски решенија на СДСМ и истите ги продолжуваат погубните политики на општествена, економска, социјална и национална девастација.

И покрај нашите укажувања за штетноста и последиците на предлог измените, мнозинството во Собрание гласаше за усложнување на постапката за добивање на права за лицата со попреченост. Како што беше и очекувано, лицата со попреченост се збунети и затекнати од овие нелогични законски измени.

Едни од групата на лица со попреченост се и лицата со Даунов синдром – дијагноза која е доживотна, а кои сепак со усвоените измени се принудени секоја година да бараат стручен наод и мислење за степенот на попреченост од Комисијата при Заводот за ментално здравје за да можат да ги остварат своите права!

Иако секаде во светот се применува поинаква, современа класификација, кај нас во моментов се користат две квалификации, со кои што се прави уште поголема конфузија. Покрај нелогичностите во измените на Законот и нивната примена, дополнителен проблем е и што дел од лицата со попреченост не ги знаат и не се информирани кои се нивните законски права.

Државата е должна да им помогне, да ги упати и да ги информира и најважно да ги олесни и поедностави процедурите за стекнување на права за лицата со попреченост. Дополнителните бирократизирања за лицата со попреченост, кои и моментално се маргинализирани, го отсликуваат лицемерието на социјалдемократската влада, која наместо да ги заштити ранливите категории на граѓани – истата дополнително ги става на маргините и ја дозагрозува нивната положба во општеството.