Договорот меѓу СДСМ и Бугарија не е добрососедски, тоа е договор за бугаризација на Македонија
Иако сè уште забранета во Бугарија, партијата на Македонците во оваа земја ОМО Илинден – Пирин, останува единствениот фактор во Бугарија, кој се бори за правата на македонското малцинство, иако за жал без поддршка од македонските власти.
Пред некој ден тие излегоа со реакција во која бараат реципроцитет на Македонија во преговорите кои ги водиме со „европска“ Бугарија.
Според нив, договорот во кој нема реципроцитет меѓу двете страни не е договор.
„Договор во кој првата страна само поставува услови и ја уценува втората страна, а втората страна е принудена само да исполнува обврски, не е договор.“
Партијата на Македонците во Бугарија смета дека ако биде потпишан ваков договор, тешко дека некој ќе го почитува.
„Кога нема реципроцитет и кога првата страна се поставува како сила кон втората страна, тогаш нема да постои ни почитување на тој договор ниту соработка меѓу двете страни“.
Во соопштението кое тие го објавија, велат дека таков договор никогаш нема да биде прифатен од македонскиот народ.
„Таков договор никогаш нема да биде прифатен од втората страна која е уценета, угнетена и притисната. Затоа договорот меѓу СДСМ и Бугарија не е добрососедски договор, тоа е договор за бугаризација на Македонија, и тој договор мора да се раскине!“
Од ОМО Илинден Пирин велат дека реципроцитетот е основен услов за добар договор!