Апасиев: Левица ќе предложи воведување на апанажа и за работниците

На претходната Седница на Собранието на Република Македонија, без разлика на етничка припадност, религиозна определба или политичка партија, како ретко кога, пратениците беа обединети против предлог законот поднесен од Левица за укинување на апанажата на државните функционери.

Еден од аргументите на Левица како работничка партија: „недозволиво да носител на јавна функција кој работел само 24 месеци, да зема надоместок – апанажа во времетраење од една година, исто како и работник кој работел 25 години, како што е недозволиво надоместокот за работникот да е изнесува 50%, а за носителот на јавна функција да изнесува 100% од неговата нето плата.“

Пратениците на Левица сметаат дека Уставната должност сите да бидат еднакви пред законот важи и за пратениците и за работниците. Затоа тие најавија предлог закон за апанажа за работниците, лидерот Апасиев на својот фејсбук профил напиша:

После одбивањето на предлогот за укинување на АПАНАЖАТА за функционерите, Левица ќе предложи воведување на “апанажа” и за работниците кои останале без работа. Веќе работиме на предлог-законот…

По поднесувањето на овој предлог закон, останува да видиме дали останатите пратеници ќе ја прифатат оваа промена, со што ќе биде задоволена уставната обврска: пред законите да бидат еднакви и пратениците и работниците, или сепак орвелски кажано, сите ќе бидат еднакви ама државните функционери ќе бидат малку по еднакви од останатите.