Аврамоска: Децата во Охрид неколку месеци оставени без соодветна здравствена заштита

  • Фејсбик статус на Виолета Аврамоска, Модератор на Левица и Советник во Општина Охрид.

Веќе не знам по кој пат реагирам на катастрофата што ни се случува во Охрид со затворањето на детското одделение во охридската болница. Ситуацијата станува повеќе од алармантна и не смееме веќе да молчиме, бидејќи се работи за нашите деца кои се оставени на милост и немилост од државата.

Како што веќе е познато пациентите се праќаат во детското одделение во Струга, при што родителите се изложени на дополнителни трошоци, а болните деца се малтретираат и се изложуваат на уште поголем ризик по здравјето, со патувањето до Струга.

Ако се земе во предвид дека во Охрид живеат самохрани родители, семејства приматели на социјална помош, припадници на работничката класа која живее со минимален личен доход и средна класа која секојдневно се’ повеќе осиромашува, јасно е дека голем број на родители не се во можност да патуваат во Струга. Со тоа, на децата во Охрид им е нарушено основното човеково право, правото на здравствена заштита, а освен тоа се врши и дискриминација на социјално загрозените категории граѓани и на нивните деца.

Фактот што го истакна директорот на болницата Балески, кој очигледно не е кадарен да го реши овој проблем во охридската болница, дека детското одделение не е единствен ваков случај, туку и во гинекологија веќе има дефицит на персонал, а за скоро време уште триесетина доктори во болницата чекаат пензионирање, е повеќе од алармантен. Дали после ова треба да очекуваме затворање на уште неколку одделенија во охридската болница? Дали охриѓани ќе останат на милоста господова, како што милува да каже господинот Претседател на Парламентот?

Апсурдот да биде уште поголем, во охридската болница веќе две години работат млади доктори, според мои сознанија 7 -8, сите дипломирани со просек над 9, кои веќе две години се на првите линии во борбата со пандемијата, но за жал Министерството за здравство не ги вработува, туку пред парламентарните избори склучија договори на определено време од еден месец и овие договори им се продолжуваат секој месец.

Наместо пратениците и министрите да се борат за апанажа, Министерот за здравство Беким Сали треба под итно да ги вработи овие доктори и освен вработување да им биде доделена стипендија за специјализација со услов по завршувањето на специјализацијата да останат да работат барем 10 години во охридската болница. Со оглед на тоа дека специјализацијата е процес кој трае неколку години, ова нема да го реши моменталниот проблем, но доколку Министерството за здравство децении наназад работеше на тој начин немаше да дозволи многу млади доктори, меѓу кои и педијатри , да заминат од Охрид и воопшто од Македонија.

И додека владата лицемерно бара начин да ги врати младите во Македонија, овие млади доктори во охридската болница изучуваат странски јазици, а тоа значи само едно, да се иселат од државата.

Искрено се надевав дека новиот министер за здравство Беким Сали, ќе најде некое решение за трагедијата со која се соочуваат родителите во Охрид, но очигледно дека и тој останува само нем набљудувач на агонијата на охридската болница.

Со оглед на тоа што институциите немаат волја за решавање на проблемот со детското одделение во охридската болница, дали ние како родители правото на здравствена заштита на нашите деца треба да го бараме на протести?

Доколку под итно директорот на болницата Балески и министерот за здравство Беким Сали, не обезбедат отворање на детското одделение во охридската болница, ние како родители ќе бидеме принудени да го сториме и тоа, бидејќи, да ја потсетиме Владата на СДСМ и ДУИ дека обичниот народ нема 20 – 30 илјади евра да депонира во Систина и во другите приватни клиники во кои се лекуваат тие.