АктуелноЛокално

Колку се инклузивни македонските училишта

  • Пишува: Жаклина Свеќаровска, координатор на Левица – Сектор образование и Советник во Општина Кочани.

Различноста се смета за грев во малите средини. Во исто време неприфаќањето на било што различно од просекот е она што ги инхибира малите средини да пораснат.

Деновиве во македонското општество одекна крикот на неприфаќањето раззинато да го проголта правото на нормален живот на едно девојченце со Даунов синдром. Родители се организираа да бојкотираат настава. Не поради целодневно носење маски, отворени прозорци на минусни температури, немање учебници, немање електронски дневник… Поради ништо од тоа што би требало да ги тревожи и да ги загрижи. Тие избрале да бојкотираат настава единствено поради тоа што сметаат дека девојченцето со Даунов синдром е закана за образованието на нивните деца! 

Испратената порака до останатите деца е јасна: немојте никако да отскокнувате од средината затоа што ќе ви свртиме грб!

Но, што направило училиштето додека ескалирало ваквото расположение кон детето чија единствена вина е тоа што е родено токму такво какво што е?

Дали организирало средба со родителите? Дали им понудило едукација? Дали е доволно децата со поинакви развојни потреби административно да се вклучат во редовна настава и со тоа да се смета дека училиштата се инклузивни?

Може ли да ја замислиме целата болка на отфрленоста што ја чувствува малата Ембла?

Каква дрскост е да се помисли дека нејзе ѝ припаѓаат помалку граѓански права кои може да ги понуди општеството, а не пак да се преземат мерки како бојкот на настава со цел истите да ѝ бидат одземени.

Училиштата во државава ќе бидат инклузивни дури тогаш кога родители ќе организираат бојкот на настава со цел секое од децата да има не само еднаков пристап, туку и еднаква можност да ги користи придобивките на образовниот систем во државава! Во меѓувреме на Ембла ѝ обезбедуваат инклузија по нивно – да седи сама во училница. 

Ова е далеку од решение за суштината на проблемот. Образовната инклузија е ништо без социјална инклузија. Ваквиот тип изолации (сегрегации) се докажани штетници за општеството и причинители за продлабочување на проблемите. Впрочем, „прикриена“ изолација имаме со години наназад во училиштата – се делат пред сѐ Македонци и Албанци во различни паралелки, во различни смени, училишта, а резултатот ни е познат на сите. Изолацијата вродува нетрпеливост. 

Да потсетиме: минатата година за време на учењето од далечина од настава беа изземени неколку илјади деца поради немање технички услови. Тогашната министерка тврдеше дека наставата е успешна бидејќи истата ја следат голем процент деца. Веројатно и училиштето во кое Ембла посетува настава по истата математика цени дека успешно организира и реализира настава. Згора на сѐ, инклузивна, затоа што ѝ допуштија на Ембла да влезе во училиштето, каде што треба да седи сама во училница.