Сите сме еднакви пред Уставот и законите или сепак не

  • Пишува: Катерина Јовановска, координатор на Левица – Трудов сектор и Советник во Град Скопје.

Демократијата или  „владеење на народот” се смета за највисок степен на општествено уредување. Ваквото уредување се темели врз сувереноста на народот, уставни ограничувања на власта и еднаквост на сите пред законите.

Дека „правото е волја на владеjачката класа издигната на степен на закон и е нејзино оружје и инструмент” напишал Карл Маркс уште пред 150 години, во услови кога демократијата била тазе на сцената, но ова негово тврдење никогаш не било поточно од тоа што го живееме денес, во услови на демократија.

Во една држава која што согласно највисокиот правен акт меѓу другото се декларира и  како демократска, недозволиво е постоење на закони кои што вршат сегрегација на граѓаните по било која основа, ниту пак е дозволиво правата за граѓаните да се одредуваат селективно. Законот како акт со кој што се уредуваат правата и обврските на сите граѓани, мора да важи за сите подеднакво, бидејќи во спротивно, граѓаните се ставаат во нерамноправна положба, а определеното право станува привилегија само за одредена категорија на граѓани.

Еден од примерите за селективност и нееднаквост пред законите е постоењето на т.н апанажа, која согласно законот им следува на носителите на јавни функции, по завршувањето на нивниот мандат, доколку истите се невработени.

Апанажата како право е присутна во повеќе земји во светот (најчесто во оние каде што постојат професионални политичари на кои што  политиката им е професија) и правото на нејзино користење можеби немаше да предизвика толку големо незадоволство кај народот, доколку  ова право, под идентични услови важи и за “обичните”  граѓани-работници.

Работник во Македонија кој останал без работа и со тоа ја изгубил својата егзистенција, исто така има законска можност да добие надоместок по основ на невработеност од државата, но притоа за да го оствари ова  право, треба да исполни  строго определени  услови, со што бројот на лица кои што можат да го остварат ова право е сведен на минимум.

Наспроти „обичните“ граѓани, за носителите на јавни функции законот не предвидува  исполнување на речиси никакви услови.

Недозволиво е носител на јавна функција кој работел само 24 месеци, да зема надоместок – апанажа во времетраење од една година, исто како и работник кој работел  25 години, како што е недозволиво надоместокот за работникот да е изнесува 50%, а за носителот на јавна функција да изнесува 100% од неговата  нето плата.

Со постоењето на вака контрадикторни законски одредби, се крши уставното начело  на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и се врши дискриминација по социјална основа. Примерот со апанажата за жал не е единствен пример за постоење на закони кои што се носеа во минатото, а со кои што се привилегира определена група на граѓани.

Единствената партија која што досега има преземено конкретни чекори во спречување на ова неправо е Левица, чии што двајца пратеници најпрво се откажаа од привилегијата за наплата на патните трошоци, кои што им следуваат согласно закон, а потоа и предложија законски измени, во насока оваа привилегија на носителите на јавни функции да изнесува колку еден автобуски билет и со тоа да се поистовети и изедначи со онаа на обичниот работник, но за жал овој предлог закон не доби поддршка и не беше изгласан од останатите политички партии во Парламентот.

Останува да видиме дали овој пат ќе биде поинаку и дали останатите политички партии ќе гласаат ЗА предлог измената, предложена исто така од Левица, со која што треба да се укине правото на апанажа за носителите на јавни функции.

Со усвојувањето на овој предлог закон, не само што ќе се  исправи  неправдата и ќе се спречи понатамошната сегрегација на граѓаните по социјална основа, туку во состојба на економска, енергетска и здравствена криза во која што се наоѓаме, ќе значи и  повеќе средства во Буџетот и можност за нивна пренамена, онаму каде што се нужно потребни.