Од пет прифатени амандмани на Левица во Град Скопје, четири се однесуваат на лицата со попреченост

Вчера се одржа третата седница на Советот на Град Скопје каде се расправаа годишните програми и буџетот за 2022 година. Седницата траеше 13 часа и на истата беа прифатени пет амандмани на Советниците од редовите на Левица од кои четири се однесуваа за подобрување на животот на лица со попреченост.

Во прилог ви го пренесуваме соопштението на Леевица – Град Скопје.

„На вчерашната, трета седница на Град Скопје, по 13 часовна расправа, се изгласа Буџетот на Град Скопје за следната година.

На седницата беа прифатени и пет амандмани на советниците на Левица (од поднесени седум), додека другите два ќе бидат ревидирани и прилагодени при ребалансот на буџетот во март следната година.

Амандманите кои што ги поднесе Левица и кои што беа прифатени, а со тоа станаа и дел од Буџетот на Градот Скопје за следната година, се однесуваат на:

-Зголемување на средствата за опремување на сензорна соба за лицата со попреченост;
-Зголемување на средствата за субвенционирање на електормоторни погони за инвалидски колички;
-Зголемување на средствата наменети за домување на возрасни лица со попреченост;
-Набавка на адаптирани возила за лица во инвалидска количка;
-Пренамена на средства за набавка на електростатски филтри на оџаците на објектите за домување.“

Советникот Тони Димитров по завршувањето на седницата додаде:

„Амандманите се однесуваат на инклузија на најмаргинализираните граѓани на ова општество и подобрување на животот на лица со попреченост, а еден се однесува на еден од најгорливите проблеми во градот – загадувањето кој предвидува пренамена на средства за набавка на електростатски филтри на оџаците на објектите за домување. Останатите два предложени амандмани ќе ги реализираме во текот на годината при ребаланс на буџетот.“

„Гласините за гласање за промена на имиња на улици ќе ги отфрлиме како тенденциозни спинови и дезинформации. Таа точка на дневен ред не беше воопшто гласана на седницата и беше вратена на разгледување од службите на градот.“