АктуелноЛокално

За државните службеници бадеми и лешници, за децата во градинка паштети

Реакција на Левица – Трудов сектор.

„Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките при Министерството за труд и социјална политика на одржаниот состанок пред некој ден, донела ПРЕПОРАКА да се смени исхраната на децата во градинките, на начин што наместо маргарин, да се употребува путер и маслиново масло, наместо конзервирана, да се употребува замрзната храна, а паштетите, кечапот и мајонезот целосно да се исфрлат од употреба?!

Не можеме да не се запрашаме, како воопшто овие продукти се нашле на досегашното мени за децата во градинките и зошто воопшто овие исклучително штетни продукти досега се користеле во исхраната на децата во градинките?

Второто прашање кое се наметнува е дали измената на менито кај децата во градинките, ќе предизвика и промена на цената за нивен престој во градинките и дали и колку од родителиите ќе можат да си дозволат да го платат овој надоместок?

Дали престојот на дете во градинка ќе стане привилегија која што ќе можат да си ја дозволат само одредена, побогата категорија на граѓани?

Здравата исхрана кај децата, особено кај оние од предшколска возраст е од огромно значење за нивното здравје и воспоставување на здрави прехрамбени навики, па од тука сакаме да ја прашаме министерката Шахпаска дали Министерството за труд и социјала ќе собере храброст, ќе се одважи и ќе го превземе овој финансиски терет со цел истиот да не падне на родителите?

ЛЕВИЦА како политичка партија предлага и апелира Министерството за труд и СОЦИЈАЛА да го оправда името кое што го носи и наместо козметички корекции, да донесе конкретни суштински мерки со кои што ќе се направи промена во животот на граѓаните.

Предлагаме целосно ревидирање на менито и воведување на здрави оброци за исхрана на децата како во градинките, така и во основните и средни училишта.

Предлагаме целосно субвенционирање на оброците за децата од социјално ранливите категории и децата со социјален ризик.

Предлагаме отварање на нови градинки, како и проширување на капацитететите на постоечките, со цел сите дечиња да бидат згрижени во својата матична општина.

Сите погоренаведени предлози се реални и изводливи доколку има политичка воља за тоа. Со домаќинско располагање со буџетските средства ќе се овозможи средствата наместо за непродуктивни трошоци, да бидат искористени за оние на кои што им требат најмногу, а на врвот на таа листа секако се децата.“