Цуцуловски: Играта продолжува

„ИГРАТА ПРОДОЛЖУВА? После локалните избори, во некои градови (Штип, на пример) новоизбраните советници (од опозицијата) одбиле да го употребуваат/изговорат името Република Северна Македонија, туку единствено Република Македонија. На ова веднаш реагираше сѐ-уште-власта, меѓутоа и дел од сѐ-уште-не-власта, т.е. дел од опозицијата. Некои високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека и на нив не им се допаѓа новата реалност (името), но додале дека ‘Преспанскиот договор е новата реалност која ја донесе Заев.‘ Барем така, според Дојче Веле, изјавил еден од функционерите на оваа партија. Оваа изјава имплицира прифаќање на името во кое е содржана придавката ‘северна’, кое ете, и според ВМРО–ДПМНЕ, било реалност.

Тоа ме потсети на текстот „Реалност?“, кој го објавив пред скоро две години. Поточно, на 28.12.2019 година. Го пренесувам во целост, за да може секој граѓанин, според своето убедување/толкување, да донесе свој заклучок за тоа што точно се случи, се случува и кое (најверојатно) и натаму ќе се случува.

РЕАЛНОСТ? Прашање: ‘Господине Мицкоски, ако победите на изборите, дали ќе бидете премиер на Република Северна Македонија?’ Одговор:Ние реалноста во Македонија не можеме да ја игнорираме, но ќе се бориме да ја промениме.’ (Дел од интервјуто на Христијан Мицкоски за „Радио Слободна Европа“ од 22.12.2019 год.) Меѓутоа, за да биде промената на името дел од реалноста, и тоа дел од законската реалност потребно е да бидат исполнети неколку услови.

(1) Власта, која довела до законска промена на името и самата треба да биде законски избрана. Меѓутоа, начинот на кој сегашната власт беше избрана (на 27.04.2017.) фрла сериозна сенка на нејзината легалност/законитост.

(2) Потписникот на Договорот со Грција, министерот за надворешни работи Никола Димитров, немаше дозвола од претседателот на Државата, што е инаку вообичаена пракса.

(3) Потребното двотретинско мнозинство во Собранието го овозможија осум пратеника. Дел од нив беа претходно обвинети, дел притворени. Тоа упатува на можен притисок врз нивните одлуки/гласање. Сѐ што е одлучено под притисок, не може да биде слободна одлука.

(4) Тоа што се нарекува Договор, беше објавено во „Службен весник на Република Македонија“ без потпис (како што е законски предвидено!) од Претседателот.

(5) „Договорот“ мораше да помине на Референдум. Не помина, но не затоа што не доби доволен број гласови, туку затоа што ја немаше потребната излезност (цензус) за да биде валиден.

Ако се земе предвид само дел од претходното, тогаш како може да се смета за законска реалност претпоставената промена на името? Конечно, постојат секакви реалности. Реалност е дека постојат убиства, кражби или фалсификати. Меѓутоа, сеедно што се дел од реалноста, тие се незаконски. Според тоа, подлежат на санкции.“

Став на Проф. д–р Љубомир Цуцуловски.