Поради кампањата на СДСМ, на повидок е ново вето од Бугарија

По завршувањето на локалните избори во Македонија, Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека со омразата кон Бугарија и кон граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест не се градат добрососедски односи.

Според МНР на Бугарија, за време на локалните избори во Македонија се водела агресивна политичка кампања поврзана со намерна злоупотреба на темата бугарско државјанство во изборниот процес. Порталот МКД.мк повикувајќи се на дипломатски извори објави текст во кој стои дека: „Во Бугарското Министерство за надворешни работи се подготвува нов предлог за позицијата на Софија во однос на Македонија.“

Водењето црна кампања против бугарски државјанин од страна на политичка партија (односно СДСМ), МНР на Бугарија го оценува како говор на омраза кон нивен граѓанин, кој е поврзан со бугарскиот народ и Република Бугарија. Тие сметаат дека со овој чекор Македонија го прекршила членот 11 став 6 од Договорот за добрососедство. Според овој член „двете договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“.

Во соопштението исто така стои дека „Доследното, совесно и целосно спроведување на меѓународно обврзувачките правни обврски е од клучно значење и останува предуслов за напредок во пристапувањето во ЕУ.“