Американски војници го спремаат Тајван за војна

Американски воени сили веќе минимум една година тајно оперираат на Тајван, тренирајќи со Тајванската војска, открива Wall Street Journal.

Според извештајот на Wall Street Journal, околу дваесетина американски специјалци ги обучуваат тајванските копнени и морски воени сили, спремајќи ги за можен воен судир со Кина. Анонимните извори немаат откриено од кога се стационирани американски оперативци на Тајван, меѓутоа се наведува дека се присутни на Тајван уште од пред инаугурацијата на Џо Бајден.

Извештајот доаѓа во ист момент кога САД и Кина имаат дипломатски состанок во Цирих, помеѓу советникот за национална безбедност, Џек Саливан, и поранешниот министер за надворешни работи и дипломат, Јанг Џиечи. Овој состанок е најава за можниот виртуелен самит помеѓу Џо Бајден и Ши Џипинг кој треба да се одржи до крајот на годината, a со цел нормализирање на односите помеѓу двете светски сили. Оттука, извештајот се чини како алатка за провокација на кинеската страна да ги запре преговорите и да биде означена како одговорна за продолжување на лошите односи.

Се разбира, таква реакција на Кина не би била неоправдана доколку се земе во предвид дека воена соработка со Тајван од страна на САД е директно кршење на принципот “една Кина”, и може да се протолкува како инвазија на кинеска територија. Според кинескиот Global Times, ова не е време САД отворено да покажува сила, повикувајќи го кинеското водство соодветно да одговори на овие провокации со цел да покаже кои се црвените линии на Кина и да не си “играат со огaн”.