Левица – Карпош: Бетонизацијата продолжува – на плодно земјиште во Бардовци ќе се гради хотелски комплекс
„Откако во понеделникот советниците на СДСМ го усвоија предлог Деталниот урбанистички план според кој на зелените површини кај СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Тафталиџе, ќе се градат згради, на огласната табла на Општината е објавен нов урбанистички проект. Се работи за проект кој предвидува четири објекти кои ќе бидат дел од хотелски комплекс со вкупна бруто површина за градба од 12.000 м2.
Она што е сомнително и крајно скандалозно е што овој комплекс ќе се гради во Бардовци, на плодно земјиште, а дел од истото е се’ уште во сопственост на Република Македонија. Останатиот, поголем дел, е во сопственост на физички лица кои станаа сопственици на овие парцели преку сомнителна денационализација. При истата постапка, во целост беше исклучен интересот на жителите на Бардовци па така, со новоформираните парцели од последниот ДУП за Бардовци изгласан од страна на советниците, се затвора досегашниот пристап на Бардовчани до нивните имоти.
Дополнителен сомнеж е и тоа што на рендерот објавен од страна на GreenLand Development на кој се појави првично планот за бетонизација на Бардовци, на овој простор требаше да има зеленило, за сега, да се објави проект за хотелски комплекс.
Со ова, Општина Карпош раководена од СДСМ уште еднаш покажува дека Бардовци со право е најмаргиниализираното населено место во Општина Карпош, но и по којзнае кој пат се покажува дека СДСМ во Карпош не ги бранат интересите на карпошани.” се наведува во реакцијата на Локалниот огранок на Левица – Карпош.