АктуелноЛокално

Kрмов контра Заев: Левица не се согласи на измени за Изборниот законик, тоа е договор на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ

На денешната прес-конференција, пратеникот на Левица, Борислав Крмов, истакна дека измените за Изборниот законик се донесени зад затворена врата, со договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тој во своето обраќање истакна дека овие измени се со цел да се елиминираат независните листи, кои можат да им направат штета на овие три партии.


„Веќе два-три дена играме криенка  низ Собранието, не знаеме кој го украл законот, не знаеме дали е кај Маричиќ, не знаеме дали е кај претседателот Таљат Џафери. Прво, околу тие фамозни работни групи кои што ги организираше Министерството за правда. Јас бев како претставник на Левица на три или четири состаноци и работата течеше добро, може да кажам и на сите мислењето беше уважено. Разговаравме многу повеќе за локалните избори, него за парламентарните иако ние како Левица акцентот сакавме да го ставиме на една изборна единица и одеднаш тие состаноци прекинаа.

Имавме месец дена пауза за одеднаш ни биде сервирано решението кое што сега, највероватно треба да се најде во новиот Изборен законик, тоа е решението со отворени листи со 3% праг за кандидати. Значи, тоа готово решение некој го договорил за месец дена. На нас ни беше сервирано и ни беше кажано дека ова мора да помине, затоа што немало време.

После тоа, тие работни групи прекинаа, за да во јавноста одекне како бомба најавата дека сега цензусот се крева на 2%, значи од фиксен што беше за собирање на потписи од независни листи, сега се крева на 2% и тоа е речиси деветкратно зголемување. Најбитната работа, најголемата општина Скопје фактички сега ќе биде во ситуација од 1.000 потписи, независните кандидати да мора да собираат по 9.000 или 8.700.

Целта им е јасна. Од една страна, ние мислиме дека воведувањето на независни листи со 3% праг за независните кандидати на отворени листи е што овие “пајтон партии”, кои што ги возат големите партии (посебно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), веќе им тежат и тие сакаат на некој начин дел од товарот да се ослободат. Имаме најави и за “бранковистичко крило”, имаме најави на “зелени листи” во Скопје, во Тетово исто (значи и ДУИ ги засега), имаме некои “десни листи-анти ВМРО-ДПМНЕ”. Сите тие на овој начин ќе бидат елиминирани и нема да може да ги соберат потребните потписи.” – истакна Крмов во својата прес-конференција.