Си била еднаш една земја

Пишува: Владимир Симеонов

Си била еднаш една земја. Била многу убава. Имала високи планини, и шуми и езера, реки. Е море немала ама не и ни требало. Имала рамнини покриени со плодна почва каде освен ананас (и палми) се друго никнувало. Од пиперките се правел ајвар што имал вкус на кавијар – ма кавијарот потсеќал на ајварот од таа земја. А грозјето… Луѓето престанале вода да пијат бидејки имало ракија. И водата била прекрасна за пиење – кога немало друго.

Земјата имала 300 сончеви денови во годината, а дожд – по потреба. А тек снегот, Гармиш бил љубоморен на снегот што паѓал во таа земја, снегулките личеле на грутки памук во рацете на црнци што береле во Алабама и пееле блуз.

Далеку на север, имало една друга земја. Имала море, ама студено, плажи -ретко. Имала и реки, езера, шуми. И толку. Имало само 30 сончеви денови во годината, а кога ќе зајдело сонцето во октомври се разденувало дури во март.

Почвата не била баш за извоз, смрзната скоро цела година, не можеш шлајка да направиш, а камо ли да ја ораш, да садиш нешто. И затоа, кога немало снег секаде имало само трева, ама не онаа за против канцери и нервози, туку од таа фудбалската. А луѓето – фини. Не се дереле и претежно бањати влегувале во автобус, биле вредни, не престигнувале  на полна линија и не слушале турбо фолк со децибелажа која полетување на Конкорд прави да изгледа како песните на Лорина Меккенит (сосе харфата).

А во сончевата земја, народот не се погодил баш. Во земјата имало два крала, кои се менувале на престолот на 5-10 години, во зависност од издржливоста на народот спрема тој што е на тронот. Луѓето во таа земја не ја есапеле многу природата со која Господ ги почестил. Бојата на реките и езерата се движела од темно бела до Пелистерка зелена и Скопско кафеава. Од толку многу пластични шишиња не се гледала водата. Зелените површини биле декорирани со пластични кеси кои танцувале на ветерот и потоа виселе на гранки и народот бил горд  на сета таа пластика, како тие лично да го измислиле поливинилхлоридот.

А воздухот бил приказна за себе. Завршена приказна. Останало само чад од оџаците на оние кои се грееле на иверица, моторно уље и се друго што има калорична вредност а не е торта. Останал чад и од камионите кои масовно се возеле, а кога им мереле емисија на штетни гасови инструментите испоцркале и надлежните ја баталиле таа процедура. Останал чад од некои цементари што паметно процениле дека со горење автомобилски гуми ем ке се намали присуството на стари гуми во речните корита, ем е поевтино од други горива.

Но тоа не е се! Останало малку воздух по планините, па решиле да го елиминираат со палење на шумите. Палеле шуми како што наставникот мој по историја палеше цигари (на голем одмор одевме да му купиме втора кутија). Во сончевата земја секое лето имало светско првенство во палење шуми, кој поубав оган ќе направи, па ни сите канадери во галаксијава да не можат да го изгасат.

Кога народите на другите земји ги потсетиле дека на едно дрво му треба 2-30 години да порасне, луѓето не се притресувале, тие го имале целото време на светот. Повеќето невработени, имале време на претек, шо се 30 години?!

Додуша имало и вработени, а некои зимале и плата. Тоа што платата волшебно исчезнувала уште првата недела од месецот не ги секирало многу. Кралот на тронот (кој и да бил од сите двајца) им ветувал дека работата само што не тргнала и дека наредниот месец платата ќе им трае цели две недели.

Поминувале години, кралевите се менувале како летечка измена во ракомет, а платата останувала иста. Се тргнало наопаку кога шоферите од сончевата земја почнале да возат роба во гореспоменатата северна земја и виделе дека месечната плата таму трае месец ипол! Е студело, скарата не мирисала на ќумур, певаљките биле до грло закопчани, ама пусти пари… Замисли, ја броиш платата 15 минути, ти се јавува некој на мобилен и ај од ново,  100 евра, 200, 300, 400 итн.  И шоферите си останале таму. Си купиле нова Сканиа, со кабина за спиење а душекот со масажер, фрижидерче за безалкохолно пивце, 16 инчен монитор, 18 брзински автоматски мењач, радио со караоке да си пееш сам да не сметаш на никој, камера позади кога ќе згазиш животно на пат да видиш дали нешто останало од истото и слични луксузарии, што стариот ФАП ги немаше.

Па си доаѓаш дома за Велигден, раскажуваш на твоите како горе нема ни една нива, ладно грч,  а имаат и ајвар, и љутица, и малиџано и све. А да, и природни плавуши! И одеднаш, цел народ сака таква Сканија, ако не знаат да возат.

Полека, полека, сончевата земја почнала  да се празни. Народот оди во северната земја. Малце трошат, малце штедат, малце праќаат дома, на татко, мајка, брат, сестра. Сакаат да се вратат во родната земја ама не се будали, 5 години го учеа јазикот и таман го научија да го баталат ли? А својот малку го заборавија  (ни “Јано мори” не знаат да ја испеат, а три збора има).

Кралевите приметуваат дека на митинзите се помалку публика имаат, ама толку се воодушевени од своите говори што тоа воопшто не им пречи. A народ се помалку. И на крајот, целиот народ си отишол, останале само двата крала, кои џентлменски си присуствуваат на говорот на другиот, па и по некој аплауз ке падне.

По долги години двата крала умреле и сончевата земја останала без луѓе (што и не било така страшно). Пластичните шишиња отишле во некое море, лисја ги затрупале пластичните кеси, воздух се појавил во чадот како меурчиња во кисела вода, а дивите животни (тие што ги преживеале луѓето) се фатиле на оро и почнале нормално да се размножуваат, без некој ловџија да ги држи на нишан. Небото пак било сино, а сонцето си вртело крукчиња, како и стално.

И одеднаш, грмотевица. Не, не било грмотевица, туку Господ ја мавнал главата во зид, нервозен што не му е јасно и промрсува “Шо згрешив, Кај се заебав?!”