Владата ја именува поранешната независна пратеничка Исмајлоска за национална координаторка

Една од поранешните пратенички на ВМРО-ДПМНЕ кои дадоа поддршка за пристапување кон уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор е именувана за национална координаторка за регионална соработка и европски интеграции


Нола Исмајлоска-Старова, пратеничка во претходниот собраниски состав, е именувана за национален координатор за регионална соработка и европски интеграции, на денешната владина седница.

Според информации на „360 степени“ утврден е и коефициент од 3,3 за платата што ќе ја добива Исмајлоска, што значи дека нејзините месечни примања ќе бидат повисоки од три просечни плати во минатата година.

Исмајлоска-Старова влезе во претходниот собраниски состав (2016-2020 година) од листата на ВМРО-ДПМНЕ, но кон крајот на 2018 година беше исклучена од партијата, заедно со уште шест нејзини сопартијци кои гласаа за пристапување кон уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор. Со тие седум (опозициски) гласа од ВМРО-ДПМНЕ и уште еден од пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ беше отворена процедурата за промена на Уставот.

360степени | 24 ноември, 2018

Осумте пратеници, меѓу кои беа и Крсто Мукоски, Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Зеќир Рамчиловиќ, на крајот го обезбедија и двотретинското мнозинство за прогласување на уставните измени, во почетокот на 2019 година. До распуштањето на претходниот собраниски состав, во февруари минатата година, независните пратеници беа во постојана конфронтација за клучни политички прашања со раководството на ВМРО-ДПМНЕ и со партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Александра М. Митевска | 18 февруари, 2020

Од тогашната независна пратеничка група, во овој собраниски состав е само Рамчиловиќ, кој, за разлика од претходно, кога беше на листа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат стана пратеник како кандидат на листата на коалицијата на СДСМ во третата изборна единица.

Во Владата моментно се ангажирани десетина национални координатори или заменик-координатори за различни области.

На денешната владина седница, исто така, Магдалена Филиповска – Грашкоска е именувана за претседателка на Инспекцискиот совет.

Извор: 360stepeni.mk