Локално

Кризата и хаосот во здравствениот систем – има ли излез?

Авторот на текстот е доктор на стоматологија.


Далечната 1991 година се случи распаѓање на едно социјалистичко општество во кое, да бидеме реални, живеевме безгрижно и среќно. Нè убедуваа дека ќе биде подобро. Денес, 30 години подоцна, уште го чекаме тоа ”подобро”. Ние, обичните граѓани и работници, видовме само полошо. Се уништија сите фабрики кои беа профитабилни, се уништи земјоделието, се унакази образованието, законодавниот систем стана за едни мајка, за други маќеа, се уништи здравствениот систем. Сè што беше вредно, сè што беше докажано добро, во текот на 30 годишниот демократски повеќепартиски систем смислено се руинираше од страна на партиите на власт. Свесно се овозможи на поединци да станат неприкосновени олигарси. 

Секогаш кога обичниот, чесен работник ќе помислеше дека не може полошо, секоја наредна власт го докажуваше спротивното. Интересно е што во изминатите години само две владејачки партии се честеа со колачот наречен Македонија. Тие две партии толку длабоко ги пуштиле своите канџи меѓу народот, што тој напатен народ како во транс на секои избори бираше само меѓу тие две опции. Крајно време е да им се исечат канџите бидејќи почнаа и земјата да ни ја продаваат.

Во последните година и пол се наоѓаме во еден кошмар ,кој никако да заврши. Светот го зафати пандемија, светот се парализираше. Милиони заразени, милиони починати. И во најразвиените капиталистички земји се случи хаос во здравствените системи. Ситуацијата кај нас беше и сè уште е катастрофална, но нè тешеа и нè тешат дека и богатите земји со мака се справуваат со оваа здравствена криза. А дали некој ги спомна земјите каде многу успешно се организираше здравството, каде имаше мал број на изгубени животи? Треба ли да се запрашаме зошто никој не ги зема за пример?

Хаос во здравствениот систем во Македонија

Во услови на пандемија, излегоа на површина многуте негативности на македонскиот здравствен систем. Немање на стручен кадар, што е апсурд имајќи во предвид дека во државава имаме неколку факултети за медицински науки и неколку средни медицински училишта. Само за споредба, пред 30 години и имаше само еден факултет за медицински науки и само три стручни медицински училишта, а сепак имавме квалитетно здравство, достапно за сите.

Во услови на пандемија, кога многумина се на работ на егзистенција, ”обичните” луѓе беа принудени да се задолжуваат финансиски за да можат да се изборат со болеста, луѓе кои со години плаќале здравствено осигурување. Приватните болници, лаборатории, приватните РТГ кабинети направија огромни профити, милионски добивки. На сите ни е јасно што се случува,но мора ли да е така? Нема ли начин здравствениот систем да се врати на правиот колосек? 

Се шушка дека ќе се приватизираат одделите за стерилизација во јавните здравстени установи, ќе се приватизира брзата помош, ќе се приватизира уште кој знае што. Тоа ли е решението што води кон подобри здравствени услуги на обичниот и чесен работник? Ако е така, зошто тогаш на секој работник месечно му се одбива од плата на име здравстено осигурување? Ако еден работник зема плата од 21.000 денари, 2.333 денари плаќа месечно за здравстено осигурување. За 30 години работен стаж, тој работник платил 15.000евра за здравствено осигурување. Колку од овие средства искористил? Каде се парите што ги платил во фондот за здравство, па кога имал потреба за здравствени услуги морал да си плати приватно?

Една груба пресметка: 600 000 осигуреници кои редовно си плаќаат здравстени придонеси со просечно 2.333 ден месечни давачки врз тој основ, годишно во фондот за здравство се влеваат 300 000 000 евра. 300 милиони евра! Годишно! Каде одат овие пари од работниците? Очигледно не за подобрување на здравствените услуги!

Има ли решение за хаосот во здравстениот систем? Секако дека има! Се разбира,нешто што се рушело 30 години, не може да се состави за еден месец, но за година, две, три може да се стават цврсти и сигурни темели. Треба да се почне од Фондот за здравство. Секој здравствен осигуреник треба да знае како ќе се располага со неговите средства. Може да се конструира годишен пакет на здравствени бесплатни услуги – што во случај ако не се искористат во период од 12 месеци, тогаш се дуплира пакетот на услуги за наредната година или пак се рефундираат 60% од уплатените средства. Може да се направат петгодишни пакети на услуги, кои би опфатиле покомплексни здравствени испитувања (КТ,МР,ПЕТ скен и сл.). 

Средствата што се влеваат во фондот да се користат за модернизирање на постоечките јавни здравствени установи, градење на нови, усовршување на медицинскиот кадар. Да се направи планско запишување на факултетите и планско финансирање на специјализации, како што се правеше во време на СФРЈ. Тогаш секој дипломиран доктор го чекаше работно место, секој завршен специјализант знаеше во која установа ќе продолжи со работа. Да нема плаќање по капитационен бод, туку по извршена интервенција. И уште многу други модули и начини што веќе биле измислени и применувани, кои се покажале како многу успешни може да се искористат за да се врати достоинството и на пациентите и на докторите.