АктуелноЛокално

Левица – Струга: Десет години ниту една дивоградба не е срушена во Струга поради коалициониот мир

Поднесени 10.000 барања за легализација на бесправни објекти во Струга, градот на две води, градот на Браќата Миладиновци и Струшките вечери на поезијата, без никаква одговорност за инспекторатите кои дозволиле ваква ескалација.
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица – ЛО Струга:


„Дека градот на две води, градот на Браќата Миладиновци и Струшките вечери на поезијата, е жртва на коалициски договори, покажува ревизорскиот извештај за состојбата со дивоградбите на струшкото крајбрежје. Односно ни сегашната, ниту претходната власт, не покажа политичка волја да се спротистави на урбанистичкиот хаос и дивеењето на локалните моќници во Струга, кој градот го претворија во депонија на отпад и дивоградби.

Фрапантен е податокот дека до општината се поднесени над 10.000 барања за легализација на бесправни објекти. Дополнително, нема никаква одговорност за инспекторатите кои дозволиле ваква ескалација на незаконие, со која директно се дискриминираат обичните граѓани кои редовно ги подмируваат своите давачки.

Дека општинската власт, сега предводена од ДУИ, е директен соучесник, покажува тоа што општината располага само со еден градежен инспектор, а дури во 2020 година е примен уште еден помлад градежен инспектор. Иако 4.040 барања за легализација не се прифатени, воопшто не е спроведена постапка за остранување на дивите објекти, ниту пак санкционирање на сторителите. Односно, решенијата за одбивање на барањата не биле воопшто доставувани до општинската градежна инспекција, со цел преземање мерки за постапување со бесправно изградените објекти.

Сето ова укажува на координирано делување на централната и локалната власт во заштита на безредието во Струга, а на штета на природните и културните вредности кои се обележја на овој град. Искуството низ годините покажува дека Струга е заборавена и целосно игнорирана од секоја власт, дека полека изумира нејзиниот лик и сјај пред налетот на корумпирани поединци – додека таа служи само за да се поделат изборните “победи” од владејачкиот колач. Градот на Охридското езеро, кој држи реноме во светската поезија, кој создал бројни историски херои, писатели, уметници – сега е претпознатлив по пеплосаното крајбрежје, дивите депонии,застарена инфраструктура и хаосот од дивоградби кои демнат на секој чекор.

Одговорноста за континуираното уништување на ваков уникатен туристички бисер е во секоја владејачка гарнитура, која наместо максимално да го промовира градот како дел од УНЕСКО заштитено подрачје, единствено се стави во служба на корупцијата и криминалот што ја обезличија Струга и нејзината автентичност. “