Левица – Берово: Уште едно спомен обележје на АСНОМ оставено во заборав

„Некогаш спомен обележје на НОВЈ, денес уште еден споменик во распаѓање. Тимот на Левица – Берово го посети дедо Јован Величковски, веројатно најстариот партизан во Малешевијата, кој со своите 99 години ни раскажа за НОВЈ и за споменикот подигнат во нивна чест.

Дедо Јован живее во куќата која што од 14.09.1944 година до 25.02.1945 година била партизанска болница. Денес, заборавен од народот, но и од надлежните, останува нем сведок на партизанските случувања. Дедо Јован со ведар глас и насмевка се потсети на поставувањето на споменикот, но и подоцнежното садење на боровите дрвја околу него, само затоа што бил изграден на еден околен рид и видлив од сите страни.



Денес видно запуштен, останува да сведочи за едно борбено време на пркос и храброст, за исконскиот стремеж на македонскиот народ за национална и социјална слобода..за формирањето на 13-тата и 14-тата македонска ударна бригада.

Архитектот Радован Раѓеновиќ е креатор на ова дело. Споменикот е висок 10 метри, составен од пет бетонски столбови кои ги симболизираат листовите на цветот, а средниот дел го симболизира толчникот. Споменикот ја симболизира идејата за ново раѓање и нов почеток.

Додека сите институции се прогласуваат за ненадлежни, додека се ревидира историјата од поранешниот фашистички окупатор, уште едно спомен обележје на антифашистичката борба полека, но сигурно се распаѓа.”