Изложбата „One of Us“ („Еден од нас“) на македонскиот уметник Иван Ивановски во периодот од 5 април до 5 мај е поставена и отворена за посета во Меморијалната сала и изложбениот излог на Музејот за сликарство на школата Лингнан при Академијата за фини уметности (GAFA) во Гуанџоу во Кина.
Според концептот на изложбата „Еден од нас“, една фигура се издвојува од останатите – фокусна точка, аномалија. Се поставува прашањето: Дали е ова еден од нас? Или еден од нив? Кои сме ние? Кој е тој? Кој сум јас? Самосвеста води до диференцијација, процес на индивидуација, изолација во адолесценцијата и реинтеграција во зрелоста.
„Еден од нас“ е интерпретација на вклучувањето и одвојувањето, постојаното редефинирање на себе во однос на другите, поставува прашања за идентитетот и припадноста.
– Силуетата е мотив што се повторува, визуелна и концептуална нишка која ги поврзува различните дела. Отсуството на специфики му дозволува на гледачот да ги проектира сопствените значења и наративи на фигурата. Делата зборуваат за перцепцијата на поединците во еден колектив, како може да се биде и дел од толпата и одвоен од неа. Силуетата претставува парадокс: присуство и отсуство, од анонимен, занемарен или избришан, до функционален и интегриран ентитет. Силуетата е симбол на секого, а со тоа, ја истакнува тенката линија помеѓу личниот и колективниот идентитет – објаснува уметникот Иван Ивановски.
Изложбата „Еден од нас“ е дел од проектот „In Between“, кој ќе биде изложен во Музејот на уметност „Сан Та“ во Гуанџоу, Кина, во ноември 2025 година.

