Геополитички и геостратешки цели на Република Македонија – II дел
Продолжение на Геополитички и геостратешки цели на Република Македонија – I дел
Пишува: Амар Мециновиќ – дипломиран политиколог.
III – Конкретни мерки
1. Повлекување од преговори со ЕУ како дипломатски акт против ветото на Бугарија.
Оправдувањето за вакво постапување македонската дипломатија може да го изрази во три елементи.
Првиот – акт против силеџиската дипломатија на бугарската влада која наметнува проблем само затоа што може. Пред сè, како членка на Европската Унија, Бугарија ги злоупотребува механизмите на Унијата со цел внатрешно политичко поткусурување за власт, додека интеграцијата на Македонија во ЕУ во овие услови не претставува ни закана по бугарскиот суверенитет, ниту пак сквернавење на вредностите на ЕУ. Полемиката на „бугарско-македонскиот спор“ е груба преопределба на идентитетски прашања од полето на науката во полето на секојдневна политика.
Вториот – акт против периферизацијата на држави кон општи принципи на меѓународна политика. Како и во спорот со Грција, наметнатниот проблем на самоопределување на Македонија укажува на присуство на пред-деколонизациска политика на европскиот континент, и е дејство на агресија кон интегритетот и суверенитетот на Македонија.
Третиот – акт против рехабилитација на фашистичката историографија како и против историски ревизионизам на Втората светска војна, што е неприфатливо за Македонија – република победник во војната. Оправдувањето за рехабилитација на фашистичка историја секогаш значи смрт – која фашизмот во сите свои нијанси неизбежно ја слави.
Низ оваа целост од начела се наоѓа и стратегијата за прекинување на дипломатските, но не и трговски врски со Р. Бугарија, проследено со протестната нота до сите земји со кои Македонија има дипломатски односи – повик за солидарност со прекинувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Бугарија.
2. Ограничување на дипломатските врски со Косово.
Несомнено, стабилноста на Р. Македонија се состои во заемната соработка на мнозинското македонско и малцинското албанско население – закана по оваа стабилност се властите на Косово. Од признавањето на Косово од страна на Македонија, тамошните власти се однесуваат иредентистички и непријателски кон суверенитетот на Македонија, и ваквата пракса конечно мора да се санкционира. Пред сѐ, одбивањето за екстрадација на лица на кои им се суди за екстремизам укажува на непочитување на принципите на меѓународна политика помеѓу две држави – Косово не смета дека македонските институции имаат легитимност да проектираат правни одлуки. Мора да се додаде и најскорешниот скандал врзан со агитацијата за контоверзниот попис од страна на премиерот на нашиот помал сосед, кој ги преминува сите граници за меѓусебно признавање, и бара од македонските власти повлекување на ЦРВЕНА ЛИНИЈА.
Дипломатското оправдување за оваа ЦРВЕНА ЛИНИЈА за дипломатските односи помеѓу Македонија и Косово е зачувувањето на стабилноста во регионот, како одбрана од нападите врз македонскиот суверенитет.
Во меѓувреме, внатрешната политика на апаратите за културно дејство, треба да стимулира градење на автохтона култура на македонските Албанци со одлики на македонската држава. Ова предвидува условување на дејствувањето на албанските културни ентитети и институции со обележје на Република Македонија, и потенцирање на „култура на македонските Албанци“ преку отежнување за државно финансирање без исполнување на услови за „републички“ карактер на културните манифестации. Ова дури може да се имплементира за сите културни сфери на малцинствата. Прво, затоа што не ограничува никакви права на малцинска самоорганизација, и второ, затоа што другите малцински културни ентитети веќе имаат таква пракса.
Во склад со претходното условување, мора да се изнајде храброст за заеднички културни манифестации и прифаќање на постоењето на албанската културна заедница во склоп на македонската национална културна заедница. Оваа вертикална корекција на чувството на комунитаризам во заедницата не е само гарант за стратешки мир, туку е и повик на прогресивна политика. Ова интегративно постапување, може вистински да го заживее чувството на егзистенцијата на албанската заедница вон рамките на паналбанизмот. Ваката разноликост на припадност веќе постои на општествено ниво помеѓу заедниците на косовските Албанци и тие од Р. Албанија. Нивото на интеграција на албанското малцинство во државниот апарат е оптимална, па е оправдана и квалификацијата дека како малцинска заедница се самоостварени. Од таа причина, треба да се промовираат и поддржат леви движења кои сега ги нема.
3. Меѓусловенски културолошки врски.
Проблемот со недостатокот на сојузници постои поради изолирањето на Р. Македонија од својата природна констeлација на сојузништво. Нашата дипломатија во зачетокот на градење држава не успева да се прилагоди кон новонастанатите услови. Индикативно е тоа дека, остатоците од сферите на сојузништва по Втората светска војна и низа земји привезоци, ја заобиколуваат Македонија по нејзината независност. Додека ние сакаме да се придружиме на евро-атланстската низа на привезоци, за таа сојузничка оска сојузништвото со Македонија не претставува нужност. Тоа што од Македонија тие земји можат да го добијат е еднострано економско искористување на општество во процес на преуредување. Тука е и можноста за земање плен поради руинираноста на македонската економија, преку горенаведените Програми за Структруално Прилагодување на Светската банка и Светскиот монетарен фонд.
Единствената сфера на природно сојузништво за Р. Македонија се наоѓа во другите словенски држави. Нашата надворешна политика треба ревносно да работи за проектирање на оваа „мека“ дипломатија преку меѓукултурни врски со сите словенски држави. Освен поддршка на културна размена, државата треба да ги субвенционира културните центри на овие земји како краен гест за создавање на сојузништво, истовремено пропагирајќи позитивна политика кон овие земји во татковината. Блискоста на словенските јазици е предуслов за брзи резултати на ваквите програми, имајќи го за крајна цел пристапот кон културниот пазар на териториите кои прекриваат половина од европскиот контитент.
Секако, најголемата можност и отвореност за соработка има во Руската Федерација, кон што треба и да стремиме. Но, соработката со Русија треба да биде урамнотежена поради можноста за одвраќање на западните словенски земји, чии што надворешни политики се во извесна контрадикција со онаа на Федерацијата.
4. Србија и другите републики од поранешна Југославија како економски и политички сојузници
Како надоврзување на претходната точка за создавање на сфера на сојузништво со словенските држави, оваа точка се однесува на регионалниот аспект на „меката“ дипломатија на Македонија. Опасноста од идентитетски спор со Србија, вон црковниот кој не е во ингеренција на државните апарати, не постои – што резултира во природно сојузништво со оваа земја. Било какви претензии на Србија кон Македонија се одамна дел од историјата, а таквиот наратив е отсутен дури и во десничарските политички партии и организации.
Во 2019 г. македонскиот извоз за Србија е во вредност од 607 милиони долари, додека увозот од Србија изнесува 758 милиони долари – српскиот пазар е по квантитет втор за македонски извoзни продукти, додека долгорочните можни придобивки од трговската рута Вардар – Морава треба да бидат крајна цел за соработката помеѓу земјите. Но, во услови на сегашната констелација на моќ на Балканот, културната соработка треба да ја задржи сегашната форма како претпазлива оддалеченост поради можноста за проектирање на политичка идеологија кон нашето гласачко тело како последица на постоечката културолошка комуникација.
Понатаму, сојузништвото со другите земји од поранешна Југославија изискува неутралност во поглед на меѓудржавните „спорови“. За пример, Македонија во секој поглед не смее да подржува предлози за редефиниција на суверенитетот на Босна и Херцеговина – авнојските граници се темел и на нашиот територијален интегритет.
5. Промена на името и стратешка определба
Пред враќањето на претходното уставно име, неопходна е дипломатска капмања за реафирмација на македонската дипломатија во поглед на меѓународната политика.
Прво – интегритетот и суверенитетот на Македонија се предуслов за стабилност на Балканот. Ова e теза која е општопозната во историско-политичкиот дискурс, и затоа сите услови кои на македонската држава ѝ се потребни во меѓународен контекст мораат да бидат исполнети, вклучително и неотуѓивото право на самоопределба. Сѐ додека има опасност од нарушување на столбовите на државноста, постои опасност и од територијално загрозување, и најпосле – конфликт. Аргументацијата се повикува на доследност кон меѓународно-правните конвенции втемелени по крајот на Втората светска војна, во поглед на македонската државност.
Второ – повикувајќи се на првата аргументација, секоја опасност по сегашното разграничување на Балканот води кон хуманитарна и социјална криза, затоа македонската влада мора да делува превентивно – како влада на национален спас и сочувување на мирот. Примарната одговорност на државниот апарат е да создаде социјална безбедност за своите жители, и при секакво нарушување на суверенитетот на државата – животот на граѓаните не може да биде достоинствен. Македонското општество вон можноста за конфликт веќе се движи кон социјална криза за која е потребна интервенцијата.
Трето – во вториот дел од првиот аргумент, македонската дипломатија повикува на солидарност за корекција на отстапката од државен континуитет, за почитување на меѓународно-правната рамка воспоставена по завршетокот на Втората светска војна и принципите на ООН чија сме земја основач. Понатаму, македонската дипломатија треба да конкретизира дека нашата државност се дефинира низ историско-државотворно тежнеење на јужнословенските народи, без било какви иредентистички наклоности кон Грција и грчката култура.
Четврто – целината на ова дипломатско маневрирање за враќање на името на Македонија е враќање на традицијата на дипломатски интегритет и чесност, сигнализација за радикално придржување кон меѓународни правни и политички норми, и сочувување на стабилноста. Притоа, почитувајќи го правото на одбрана на сопствените интереси, Македонија мора да има можност да го прави истото во секоја преговарачка и сојузничка рамка.