Крмов: Во Хрватска на сите основци им беа дадени таблети за да нема разлики меѓу учениците
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, во своето вчерашно излагање истакна дека реформите во образованието дополнително ќе создадат социјални разлики меѓу учениците и како пример ја посочи Хрватска која низ годините, постепено, воведува дигитализација на образованието.
„На почеток министерката тврдеше дека тука се работи за заштеда, бидејќи секоја година се печатат учебници. Сега тој збор никаде не се спомнува. Ако знаеме вистинска дигитализација што е, значи таму не се работи за децата да ги читаат предметите на таблети во пдф формат, туку се работи за посебен формат за презентација на наставните содржини. Тоа чини ужасно многу и министерката Царовска доби 21.5 милиони евра за да ја спроведе дигитализацијата. Значи луѓето чувствуваат дека мотивите се нечесни.
Зборуваме за Хрватска, далеку понапредна и побогата земја од Македонија. Четири години тие градат инфраструктура. Нашите училишта не се правени да поднесат само таблети вклучени, инсталацијата не е соодветна, интернет нема. Вие треба д аимате таму електронски табли, не може на обична табла.
Хрватите четири години градат само инфраструктура и за четири години имаат спремено само три предмети: историја, јазици и Хрватска, затоа што тоа се повеќе вербални предмети, не се визуелни и можат полесно да се презентираат. Клучно е дека се работи етапно, дека се работи на инфраструктура – ние немаме никаква инфраструктура, огромен дел училишта кај нас немаат санитарни јазли, имаме училишта на кои им капи кровот, имаме училишта кои немаат греење. Каква дигитализација ние ќе спроведуваме?
Во Хрватска на сите основци им беа дадени таблети, значи да нема диспаритет – значи да не се создаваат класи. Кај нас тие што имаат пари ќе си купат сами, додека тие деца што немаат пари, како што кажа министерката, ќе добијат учебници во печатена форма. Тоа е скрипта. Никаде во светот не се спроведува дигитализација да се заштети, тоа е скапа работа.
Таму има и некои граѓански дефиниции за Македонците кои никаде во светот ги нема. Според нас, ефектите од овие избрзани и неосмислени реформи се: ќе се создадат две класи на образование во државното образование и некои деца ќе гледаат на 3Д очила, а некои дечиња ќе држат скрипти во рака. Колку е тоа недостоинствено. Дополнително, гледате целиот овој хаос колку ги иритира наставниците и ќе имаме бркање на кадарот од државно во приватно образование. Јас мислам дека им е цел и приватизација.”