Наместо да преземе нешто, Владата нѐ информира дека е загадено!

Оваа мала држава повторно руши рекорди. Не од оние позитивните, туку е рекордер во уште едно тивко убивање на неговото население. Скопје е повторно најзагаден град во светот, а во Прилеп е поздраво цигари да пушиш одошто да дишеш. За Битола, Тетово и Струмица, Владата нѐ информираше дека два дена по ред е надминат прагот на ПМ10 честици и на јавноста ѝ достави листа со препораки (!!!) и срамежливи мерки кои треба да ја ублажат алармантната ситуација.

Ниту една власт до сега,  вклучително и сегашната, не направи ништо за да се реши проблемот со загадувањето во државата. Иако празни ветувања има во секоја предизборна програма за „зазеленување“ на Македонија, ништо од тоа не се остварува, а не е ни чудно, бидејќи конкретен план за да се реализира тоа „зазеленување“ никој и нема понудено.

Но, веќе одамна преминавме преку тоа и никој не ни очекува дека Владата ќе понуди некаков план за решавање на проблемот. Очекувањата беа мали: низа на превентивни мерки, за да се ублажи „ударот“ кога ќе се случи. Впрочем, претходните локални избори токму на оваа тема се отвори најголема дебата помеѓу кандидатите за градоначалници и советници. Но, веќе и таа тема е надмината и сега сме фокусирани само на тоа како да го истрпиме бранот на загадување со помали последици по нашето здравје.

И, маестралниот одговор на Владата воопшто не мораше да се состои од таа листа на смешни препораки и мерки што ја доставија до јавноста. Можеше кратко и јасно да напишат: ние сме сервилна Влада, која што не знае по чива музика попрво да игра, дали тој на Западот или тој на националната (секогаш Северна, и никогаш Македонска) буржоазија. А па за нивна среќа, интересот на вторите е порамнет со интересот на првите, па не мора ни да се мислат. Одговорот е јасен: и кога е најлошо, битно е да не им го чепнат профитот.

Па затоа Власта им препорачува „на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар“, наместо истото да им го наложи барем на неколку дена. Понатаму, Владата им препорачува „на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот“, бидејќи и тоа кратење на работното време од 2 часа за неколку дена е граница која Владата не смее да ја помине. И за крај, Владата ќе „обезбеди ограничување на работите на градежните објекти“, што е можеби најсериозното нешто што ќе го стори, но сепак воопшто недоволно за алармантноста на ситуацијата во која се наоѓаме.

Јасна е пораката која што се крие зад овој безвреден лист препораки. Владата не може, а и нема ни политичка волја, да застане против капиталот и неговите убиствени нагони во името на профитот. Притоа, не зборуваме за некакво планирање на производството, градежните активности, урбанистичкиот план, детектирање на причинителите на загадувањето. Не зборуваме ниту за пошумување или инвестирање во еколошки решенија. Зборуваме, едноставно, за ситни дефанзивни мерки во време на еколошка криза. Прости како едно обично наложување, наместо препорачување, да се намали работното време за неколку дена, додека загадувањето не се намали. Секако, само по себе – ние и онака навикнавме да чекаме да дувне ветар за да дишеме, па не очекуваме Владата да преземе нешто за проблемот да не мора да се „решава“ сам од себе.

Но, со Влада која што не смее ни на неколку дена да отстапи од наредбите на своите наредбодаватели и да направи нешто за народот од кого наводно црпи легитимитет за владеење, изненадување е што воопшто и „забележаа“ и нѐ информираа дека е загадено.