“Неполитички интелектуалци” – Ото Рене Кастилјо

Еден ден неполитичките интелектуалци од мојата земја ќе бидат испрашувани од најобичните наши сограѓани. Ќе бидат прашани што правеле кога нивната држава умирала бавно, како мило огниште, мало и само.
Никој нема да ги праша за нивната облека, за нивните прошетки по ручекот, никој нема да сака да знае за нивната стерилна борба со „идејата за ништото“.

Никому нема да му биде грижа за нивното високо знаење за финансии. Нема да бидат прашани за грчката митологија, или за нивното гадење кога некој во нив почнува да умира на кукавички начин.
Нема да бидат прашани ни за нивните апсурдни оправдувања, родени во сенката на тоталната лага.
На тој ден најобичните граѓани ќе дојдат.
Оние кои немаа место во книгите и поемите на Неполитичките интелектуалци, но катаден им го носеа нивниот леб и млеко, нивните палачинки и јајца, оние кои што ги возеа нивните коли кои што се грижеа за нивните кучиња и градини и работеа за нив, и ќе прашаат:

Што правевте кога сиромашните страдаа, кога нежноста и животот се догоруваа во нив?
Неполитички интелектуалци од мојата мила земја, вие нема да можете да одговорите.
Црвот на тишината ќе ви ја изеде утробата.
Вашата мизерија ќе ја глода вашата душа.
И ќе бидете неми во вашиот срам.

“Неполитички интелектуалци”, Ото Рене Кастилјо