ВМРО-ДПМНЕ предложи – СДСМ го амнестира Стевче Јакимовски
Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти (од значење за Републиката и локално значење). Токму за таков случај во тек е судски процес против поранешниот градоначалник на Карпош. Донесувањето на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти беше договорено на неодамнешната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Предлагачи на амандманот усвоен на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, одржана на 7 мај 2021 година, биле: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски, Олга Лозановска (сите од ВМРО-ДПМНЕ) и Љупчо Пренџов од ГРОМ, партија чиј претседател е поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Дополнетиот закон вчера ја доби поддршката и на пратениците од СДСМ.
Меѓу опфатените со оваа амнестија се новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада, за која беше објавен и прислушуван разговор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, од кој произлезе случајот „Лидери“.
За овој закон не гласаа пратениците од Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов.