Како Југославија ги прекина дипломатските односи со Израел

На 11 јуни, 1967 година, Тито свика заедничка седница на Претседателството и Извршниот комитет на Централниот комитет (ЦК) на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ). На своите другари – сопартијци им раскажа за разговорот со советскиот лидер Леонид Брежњев, кој се случил пред три дена, а веќе наредниот ден требало итно да отпатува во СССР:

„На 8 јуни во 3 часот попладне, одеднаш се јави секретарот и рече дека Брежњев бара разговор. Се зачудив – од каде е таа директна врска одеднаш. Ја земав слушалката и го слушам Брежњев: ‘Ти ли си Јосипе’. ‘Јас сум’ – одговорив. Потоа Бржњев продолжи: ‘Еве за што се работи, големи гужви настанаа таму, ситуацијата се развива со многу ‘рѓави пресврти. Дали ти би можел веднаш утре да дојдеш овде, да се посоветуваме за тоа што да правиме’. Јас не знаев дали таму ќе има и други присутни, па го прашав – дали можеме да се сретнеме некаде поблиску, на пример во Унгарија. А тој рече: ‘Па во тоа е поентата, што треба сите да бидеме присутни’. Му одговорив дека морам да се посоветувам со другарите. Веднаш ги повикав другарите, кои генерално беа тука во Белград, да им кажам за што станува збор. Сите се согласивме јас да одам горе и веќе следното утро фатив авион за Москва. На аеродромот ме дочекаа сите тројца – Брежњев, Косигин и Подгорни и веќе во 9 часот наутро состанокот беше почнат. На состанокот беа присутни, како што и вие видовте, сите раководители на социјалистичките држави, први секретари и претседатели на влади.“

Комунистичкиот блок итно се состана во Москва, поради новиот воен конфликт на Блискиот исток. Израел изненадно на 5 јуни, 1967 година го нападна Египет и околните арапски земји, така што во шестдневната војна го освои целото подрачје на библискиот Израел. Во Москва беше објавена изјава во која се осудува агресијата на Израел врз Египет, а единствено Романија беше против ваквата изјава. Меѓутоа, во Југославија почнаа некои шпекулации во врска со причините за патувањето на Тито во Москва и неговиот став таму, на што тој остро одговори:

„Има една работа што јас сакам денес овде да ја изнесам. Се работи за недоразбирање од многу страни, а особено од некои другари од врвот на нашата партија. Се поставуваат прашања, дури и кога се знаеше и сме се договориле – зошто се оди таму, како е тоа можно и слично. Другари, да ви кажам отворено овде: ако работите одат вака, ако немаме еден единствен поглед и став кон прашањето за одбрана на нашата земја, ако постојано се сомневате дека јас таму нешто преговарам со Русите – тогаш можам да ви кажам дека јас нема да одам, но ќе мора да одат тие, кои не се на таа линија. Не мислам на тоа, дека јас сам нешто диктирам, туку јас ќе одам и пред Собранието. Не можам да бидам на тоа место, ако не преземам се’ што е неопходно, бидејќи сум одговорен за тоа – нашата земја да може мирно да работи и мирно да ја врши својата функција. За тоа да биде можно – противникот мора да знае дека сме силни и наоружани.“

Потоа додаде и како се залагал за арапските земји:

„Јас во Москва навистина енергично инсистирав на тоа дека борбата на арапските народи не е само нивна, дека тоа е првиот фронт на сите социјалистички и прогресивни сили против империјализмот. Затоа што, забележав дека во дискусијата некои претставници на социјалистичките земји, кои инаку досега добро говореле, сега настапуваат еднострано, изнесувајќи поединечни грешки на Арапите, а притоа ништо не рекоа за империјалистичките планови. Јас сакав малку да ги раздрмам и тоа прилично имаше ефект, така што потоа ги напуштија тие тесногледи сфаќања. Што се однесува до воениот табор, никој не го спомна. И навистина, ако се постави прашањето – кој беше иницијатор за одлуката во Москва, може да се каже дека тоа бевме ние.

Се поставува прашањето – дали ние, како неврзана земја, можеме да бидеме настрана од судирот на Блискиот исток. Со падот на арапските земји, повеќе не би постоеле и неврзаните. Во Африка и онака е се’ слабо, а Индија се наоѓа под силен притисок. Што би останало од неврзаноста, ако ние не се спротивставиме кога се работи за ликвидација на независните земји, за во нив да се промени режимот? Ние мора да направиме се’ што е потребно малите земји, кои сега се наоѓаат во опасност повеќе да се мобилизираат и повторно да покренат една силна офанзива против империјалистите.

Реков и во Москва, дека Израел за нас претставува споредно прашање, бидејќи е пион во рацете на империјалистите, кои треба да ги имаме на видик. Имајќи го тоа на ум, тогаш секоја тесноградост и зборување за влез во воен табор е глупост. Како може ние, кои толку години сме се справувале со секакви ѓаволштини, одеднаш да станеме некаков пион, или таборски привезок? Јас сакам Југославија да има силна индивидуалност и помеѓу социјалистичките земји и таа да дава свои сугестии, совети и слично, а тоа не можеме да го постигнеме, ако не се состануваме. Тоа што го направија Романците е глупост. Лесно им е нив, да се џиткаат од средина, кадешто немаат никакви граници со империјалистичките сили. Тие можат сега тоа да го прават, но грдо ќе им се одмаздат еден ден.“

После ова, Југославија ги прекина дипломатските односи со Израел.

Во архивите на Унгарската комунистичка партија беше пронајден извештај од нејзиниот тогашен генерален секретар, Јанош Кадар, до Политбирото на Партијата, напишан на 13 јуни, 1967 година, во кој тој известува за споменатата средба на комунистичките лидери во Москва. Оригиналниот текст е објавен во „Ерусалим пост“ на 15 јуни, 2005 година.

Итниот состанок во Москва, беше прв на кој учествуваше Тито од неговиот судир со Сталин (во 1948 година) и Кадар ја нагласува важноста на неговата соработка. Документот покажува дека Тито, кој бил тесно поврзан со Насер, преку нивното заедничко раководство во Движењето на неврзаните – се покажува како поголем сојузник на Насер, отколку на Советите. Кадар неколку пати спомнува дека Насер не се консултирал со Советите околу неговите чекори кон затворање на Акабскиот Залив и повлекувањето на трупите на ООН од Синај – што сведочи за недостаток на советско вклучување во египетските одлуки. Меѓутоа, Кадар известува дека „Другарот Тито рече дека се консултирале со нив и дека ги поддржуваат овие чекори“.

Кадар додава дека тоа е разбирливо, со оглед на тоа дека Југословените „имаат стара и блиска врска со Египет, која е постара и подолготрајна од односот со Советите“. Тој понатаму наведува дека Тито, веднаш се согласил да воспостави итен воздушен мост и да го снабди Египет со оружје. Радикалниот став на Тито се повторува неколку пати во извештајот на Кадар, а тој е заслужен и за нацрт-комуникето, во кое Израел е опишан како агресор. Многу други делегати не биле задоволни од некои аспекти на текстот, а Кадар известува за дискусијата, за тоа што би требало да содржи изјавата, а дека некои сугерирале дека треба да се вметне и осуда на „американскиот и британскиот империјализам“.

Романците беа тие кои се противат Израел да биде означен како агресор, на што Тито рече дека, доколку тоа не се наведе, тој нема да може да се врати дома – „со оглед на тоа дека ние и’ кажавме на цела Југославија кој е агресорот“. Откако сите комунистички земји ги прекинаа дипломатските односи со Израел, Романија на Чаушеску ја задржа својата независна позиција и одби да ја следи советската линија.

Извор: https://princip.info