За 9-ти мај, за НОБ, за прадедовците

Пишува: Александар Симонов, член на ЦК на Левица.


Врз партизански поставените темели, градите климаво здание чија раштиманост на надворешните столбови не можат да го ублажат. Години наназад, либералниот ни естаблишмент величи нешто туѓо, нешто на кое не му припаѓаме, нешто кое ниту е наше, ниту пак го чувствуваме како свое. Сулудно загрижувачки е како величат ден на некоја си Унија, на некоја си Европа, на нешто од кое ниту сме биле дел, ниту па ќе бидеме, барем не скоро. И, забораваат, забораваат на прадедо и дедо, на историјата, на нашата историја од нив испишана, пишувана беспоштедно, оставајќи во неповрат една младост, еден живот, едно СЀ,, во НОБ, за слобода.

За  вредноста на либералниот ни естаблишмент, историјата си фаќа белешки, од година на година природно им се насобираат предвесници, носат бура, која ќе удри по дивоградбата и ќе ја сруши, веднаш, штом надворешните чувари ќе заминат. А, темелот, темелот ќе остане, силен и нечепнат, како тогаш, кога го поставија прадедо и дедо. Е, таму е местото каде ние, децата на транзицијата ќе го устројат новиот поредок, ама за тоа другпат.

Поентата за која зборувам се извитоперените вредноста на добар дел од една фела. Па како бре побогу, како можете, цело едно образование така да устроите? Цело едно образование ме учевте мене, тие покрај мене, генерации и пред и после мене, за Ден на Европа, за 9-ти мај, за европски вредности! -Кои побогу црни вредности? Па на 9-ти Мај еднаш не излеговте со студентите да положите цвеќе на спомениците од вашите дедовци, нашите прадедовци. Еднаш да издвоевте за цвеќе, од европските хонорарите што ви ги шуњаат за „поквалитетно“ образование. И, ако формално жртвата дадена за  НОБ ја споменувате срамежливо и од страна, барем неформално повеќе доблест да покажевте.

И, да, кога сме кај вредностите, погрешно ви се поставени, ептен погрешно. Нас не ни требаат ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ, дека и ФАШИЗМОТ е европска вредност, чинам и ИМПЕРИЈАЛИЗМОТ како вредност најмногу ни цути по Европава. Не се тоа вредности за кои нашите прадедовци коски положија. Не се! Не ни требаат нам европски вредности, си имаме ние наши, кои многумина ги потискаат, да бидат заборавени, свесно, за хонорари. Од Европава сѐ што ни е потребно е функционален систем по примерот на некој од тие држави, другото можеме да усториме билатерално, со секоја од нив и толку. Тие со нивните, ние со нашите, вредности!

Армијата, а кои се нејзините вредности? Како за НАТО – армија премалку почит кон партизаните кои изградија и држава и Република, а ,,бога ми“ и армија. Скромноста во оддавањето почит ви е ептен за никаде и кон оние кои со жртва ‘45-та, и кон овие од после 2000-тата, од нашите генерации, памтиме ко вчера, во срце ни се. Не направивте чин за паметење, не НАТОВЦИ, не ве сакаме, ниту во држава, ниту како армија. Ама ако, така, само така продолжете, тоа е начинот на кој ќе се обезличите себе, само така маските ќе паднат, само така ви го гледаме вистинското лице. Непокажувањето почит кон НОБ е само капка во морето од трулоста која нѐ гризе. А бе, дворот на касарните што ги градеја прадедовци и дедовци го продадовте за згради, ЗА ЗГРАДИ!

Свесни сте дека НАТО – дивоградбата ви е на погрешни темели и дека се помал и помал е бројот на војници кои со срце се таму да бранат држава. Така е, за жал, знаете, свесни сте, свесни дека многумина од нив само трошките материјалност ги држи во армија. Пламенот во гради, како тогаш, кај македонскиот војник речиси го нема. – Како да го има? Што направивте за да го има? Државата ја шитнавте! – Па цела армија притискавте да ви искочи на референдум!  И, не ви искочија, и, што направивте? – им го одземавте правото да ја бранат МАКЕДОНИЈА! Што очекувате? Со срце да ја бранат северната дивоградба? – НЕ, тоа  нема да го добиете, само материјалното остана. Пробајте да разговарате со нив, мнозината ќе ви речат „во НАТО сум професионално ама приватно не ја подржувам нивната политика“. Толку, за армијата толку.

Невладините, ох боже, невладините, што за нив да се каже? А, за владините НЕвладини, ох боже, што па за нив што да се каже? Како тие го слават 9-ти Мај? -Батали, не вреди, не вреди за ова време да се арчи, што и да видиш како нивен чин само погледни од каде се финансирани и толку.

Локалните самоуправи исто како никогаш да не чуле за 9-ти мај, државно знаме ретко каде ќе сретнеш, ама затоа европско се вее. Се однесуваат како месните заедници од ЕУ да ги ослободиле, а култот на македонскиот селанец, кој гол и бос отиде држава да брани, Република да гради, заборавен, го нема. Не другари, ги испомешавте лончињата, македонските селани победија и немаат ништо заедничко со унијата, НИШТО! И нивниот култ е наша вредност, нивното заборавање ваша! Нема да ви дозволиме да ги изедначите со другата страна ниту преку споделена, ниту со заедничка историја. Знам кој, што и на чија страна беше прадедо и нема да ви дозволам неговото дело да го испоганите, НЕ МОЖЕ ТОА ТАКА! 

Медиумите, па целото нивно внимание овој ден сведено на обична вест! Последниот документарец поврзан со Втора светска војна не можам да се сетам кога е излезен. Турските серии не можат барем за ден да се заменат за партизански филм. Ама пустото, овие што ни финансираат медиумска слобода, слободно ни ограничуваат што да мине во јавен дискурс, дека дискурсот е слободен само кога е по нивен „демократски“ терк.

Културен настан за 9-ти мај! Па што е тоа? Колку културно уметнички друштва поттикнавте на ова? Колку културни настани имаме денес во државата? Еден? Два? Десет? Немој да кажете дека нема ниту еден културен настан посветен на прадедо. Жално, ама тоа ви е одговорот, НЕМА!  Културните настани ни се само европско-интегративни, либерално-прогресивни, NGO бадијалџиски, или какви и да ви се.

Уште еднаш кај образованието ќе свратам, не можам да премолчам. Колку Универзитети денес (државен или приватен)  имаат настан, посветен исклучително на Денот на победата? Чинам нема, сите им се за ЕУ целосно или делумно. Кога бев студент беше така и денес е уште така. Ама дискусија за историја, за НОБ, за прадедо, нема. Ако овде не го гледаш нивното развратништво и силата на демократската пропагандата, тогаш супер, европјанин си до коска, асимилиран, кој има европско сѐ, а себе не.

Ова е тоа што ни се случува, а не треба. Прадедовците ни ослободија држава и направија Република, дедовците градеа, за денес да имаме клика која разградува, приватизира, продава, НЕ! Ако не сме доволно храбри да се бориме заради себе, тогаш треба да сме доблесни и да се бориме заради нив, тие тоа го заслужија. Заслужија барем почит за нивното дело.