Нови скандали во струмички „Антон Панов“

Сите се сеќаваме на скандалозниот избор на Васил Бубев, кој како наставник по физичко воспитание, по партиска директива, беше избран за директор на НУ Културен центар „Антон Панов“ во Струмица, за кој пишувавме тука, а по тој повод реагираше и секторот за култура на Левица. И покрај останатите кандидати на тој конкурс, чиј што културни компетенции се неспоредливо повисоки од оние на бубев Бубев, Министерството за култура т.е. министерката Ирена Стефоска за прв човек на оваа културна институција го избра најнекомпетентниот кандидат за една ваква позиција. По низа скандали, петиции, протести, средби со министерката и закани од страна на министерството, Васил Бубев продолжи со својата функција и покрај бојкотот на своите вработени.

Денес, иницијативата „Култура или фис-култура“ која се формираше поради незадоволство од поставувањето на директорот на институцијата, објави документи добиени по основ на Пристап до информации од јавен карактер, а според кои се соомневаат дека назначениот директор „уште недобро заседнат во директорската фотеља има направено кривичен прекршок: злоупотреба на службена должност  и овластување“ т.е. во првите 30 дена од неговото директорување, тој ја прекршил законската постапка за промена на Систематизацијата на работните места. На работното место раководител на маркетинг и односи со јавност, кое е систематизирано во септември 2020 година, се предвидува лице кое завршило високо образование, правен или економски факултет.

„Претпоставуваме дека директорот ја злоупотребил својата функција и на своја одговорност допишал дека покрај високо образование, таа работна позиција може да биде извршувана и од лице со средно образование, во случајов – гимназија“, стои во соопштението.

Тие истакнуваат и дека директорот на 26 февруари распоредил работник од местото соработник за маркетинг и односи со јавност за раководител, а истовремено, му „потпишал плата“ за февруари за таа позиција, иако лицето до наведениот датум извршувало работни задачи на друга функција.

„Таквото постапување на новоизбраниот директор кај нас отвора многу сомнежи и прашања. Уште еднаш јавно упатуваме прашање до ресорната министерка, г-ѓа Стефоска, на која најуредно ѝ побаравме оставка од функцијатата министер за култура на РМ, за што таа до ден – денешен не најде за потребно да ни одговори. Ја прашуваме: Дали заслужува таков човек со неадекватно образование и отсуство на искуство во културата, со непостапување согласно законите на оваа држава, да ја води нашата институција? Во моментов течат и постапките пред надлежните судови“.

Од друга страна, Драмскиот ансамбл на НУЦК ‘Антон Панов’ – Струмица, останува на своите барања и потенцира дека нема да ја спроведе Годишната програма за 2021 година, одобрена од Министерството, и нема да го реализира тековниот репертоар сѐ додека министерката не ги прифати нивните барања.

Инаку, и покрај скандалите кои ја тресат културната сцена во Струмица, тоа не го спречи Министерството за култура годинава Струмица да го прогласи за Град на културата, додавајќи дека на конкурсот за организирање на оваа манифестација се пријавиле и Тетово, Кавадарци, Велес и Дебар. Според Министертсвото, Струмица има богата и разновидна програма, а буџетот е проектиран со висок процент на самофинансирање. Фантастично е што во изработката на апликацијата биле вклучени установи од областа на културата во Струмица како Завод и музеј Струмица, Библиотеката „Благоја Мучето“, но и Центарот за култура „Антон Панов“, во координација со Општината.