Не само учебниците – вниманието треба да се посвети врз реформите во целина

Статус на проф. Љубомир Цуцуловски.


ЦЕЛИНАТА, ПРЕД СЀ. Додека во јавноста жестоко се дискутира дали учебниците треба да бидат во електронска/дигитализирана форма или не, прашање кое секако е значајно (на тоа упатува и фактот што власта сака да го протурка што по секоја цена, со европско знаменце!), некои други битни прашања се забораваат, потиснуваат, игнорираат. Тоа се прашањата кои се директно поврзани со реформата на образованието во ц е л и н а, вклучувајќи ја и намерата да се спојат повеќе предмети во еден – како, на пример, историја со општество – од кои битно ќе зависи на што и од што ќе се образуваат и што ќе учат македонските деца (иднината!) и каква ќе биде: македонска или нопределена мешавина, некаков хермафродит/хибрид на сѐ и сешто, во кое македонското сѐ повеќе ќе се потиснува, а на преден план ќе се туркаат теми ирелевантни за оваа земја и за овој народ, кој со векови бил потиснуван и обезличуван.

Ова не значи залагање образовниот процес да застане само на овој локален, фрагментарен план, туку укажување дека тој е неопходен чекор кон разбирањето на Целината, бидејќи без знаење за себе не може да се има знаење ни за Другиот. Според тоа, ни за Целината. Незнаејќи ги деловите, не може да се знае Тоталитетот. Еден од начините да се постигне што поголемо знаење е токму реформирање на образовниот процес, кој стварно, а не само декларативно, треба да оди напред во јакнењето на самосвеста и слободата на граѓаните и на учениците, бидејќи Целината станува јасна единствено преку деловите.

Меѓутоа, властите наместо да ги учат децата на вистинските вредности, користејќи се со вистински, автентични педагошки методи, тие се служат со демагошко замајавуње – демек учениците и нивните родители не можеле да ги разберат добрите намери на милата Царовска, која своите противници ги осудува дека се партиски обоени и политизирани, како самата да е надвор од каква било партија или политика, што би било нон-сенс за кој било политичар.

Затоа, да не се дозволи целиот проблем да се сведе само на електронските учебници (и со него да се исцрпи сета енергија), туку вниманието треба да се посвети врз реформите во ц е л и н а. Конечно, вистината, како и вистинските намери никогаш не се во детаљот, туку во целината. Ова постојано треба да се има предвид, како начин да се види за што точно се работи и во што е суштината на најавените кардинални, односно царски реформи во образованието.

ЦЕЛИНАТА, ПРЕД СЀ. Додека во јавноста жестоко се дискутира дали учебниците треба да бидат во електронска/дигитализирана…

Posted by Љубомир Цуцуловски/Ljubomir Cuculovski on Wednesday, 28 April 2021