Турскиот напад во Сирија е оддишката што му требаше на ИСИС

Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, изјави дека вооружените сили на Турција уништиле 170 цели во рамките на операцијата „Маслиново гранче“ во сирискиот град Африн, истакнувајќи дека нема турски загинати војници во операцијата.

Операцијата е започната против курдските вооружени сили на левичарската ЈПГ кои имаа значителен удел во борбата против ИСИС во регионот. Воените единици на разните курдски движења во Сирија имаа одлучувачка улога при ослободувањето на клучниот град Рака, на 20 октомври минатата година, кој претходно беше под контрола на терористичката организација ИСИС.

Освен воздушни и артилериски напади, Турција испрати над 8000 членови во поддршка на вооружената опозиција во Сирија, која ја започна граѓанската војна со напад против легитимната влада предводена од Башар ал Асад. Опозицијата уште од самиот старт ја ужуваше подршката на Ердоган. Таа поддршка претставуваше начин да се зголеми турското, а намали сирското, влијание во регионот. На видеото се гледаат војници на Турција и сириската опозиција како извикуваат „Алаху акбар“ (Алах е голем) по нивниот напад на курдите и пробуваат да го запалат знамето на ЈПГ, сцени кои потестуваат токму на кореографијата од почетоците на ИСИС.

 

Досега најмалку 11 цивили се загинати и 16 повредени, но Ердоган не покажува намери да го прекине нападот на територија на друга суверена држава.

Нападот има „зелено светло“ и од Русија, која ги повлече трупите од Африн ден пред почетокот на нападот. Овие воени единици претходно спречуваа било каков напад, бидејќи тоа би значело и напад на Русија, нешто што Ердоган не може да си го дозволи. Најверојатно, ваквиот потег на Русија се должи на тоа што ова би ја ослабнало курдската офанзива на Итлиб и со тоа градот би бил ослободен од стратешкиот сојузнк на Русија – Сирија. Главниот командир на силите на ЈПГ ја обвини Русија за предавство, но не даде никаква изјава за молкот на САД кој беше нивен најголем стратешки партнер во досегашната борба со ИСИС.

Курдските сили имаат контрола на околу една четвртина од територијата на Сирија и нивната територија зафаќа голем дел од границата со Турција и Ирак. Ова е проблематчно за режимот на Ердоган, кој традиционано има проблеми со курдското малцинство во Турција. Затоа, покрај кампањата следуваа и нови внатрешни репресии, па 24 лица биле уапсени бидеји изразиле став на социјалните мрежи кој е против воената операција „Маслиново гранче“. Турција ги смета курдските сили во Сирија како продолжение на Курдската Работничка Партија (ПКК), која во Турција е прогласена за терористичка организација.

Протести избија во повеќе држави, меѓу кои САД како блиски сојузници со Турција, против воената офанзива. ИСИС ја има задкулисната поддршка на Ердоган и турскиот државен апарат преку тајни (барем во обид) снабдувања со финансии и оружја. Турскиот премиер во минатото има изјавено дека „ИСИС не е терористичка организација туку само група на луѓе организирана поради гнев“.

Од скоро, курдските сили на СДФ беа подржани од САД. ЈПГ се дел од широката коалиција на СДФ, а пак САД се сојузници со Турција во рамките на НАТО, што ја прави ситуацијата екстремно замрсена. Како можна варијанта за мотив се јавува стравот на Турција да не биде заменета како главен сојузник на САД во регионот. Втор страв на Турцја би можел да биде создавањето на курдска држава или на полуавтономна зона во рамките на Сирија, што би значело создавање на курдска база на границата со Турција која би можела да „откине“ дел од турската територија која претежно е населена со курди или, во најмала рака, да служи како поддршка за ПКК и курдкото движење воопшто низ цела Турција.