Исмаил: Со 80% јавен долг од БДП дефакто државата е оттуѓена
Членот на Президиумот на Левица – Реџеп Исмаил (Хактан), во емисијата „Јанко Јади Бурек” истакна дека погрешната политика со странските инвестиции, засилената приватизација на ресурсите и недостатокот на капитални инвестиции, доведе државата да достигне јавен долг од 80% од БДП.
Не е проблем да донесете странски инвестиции, затоа што немате капитал како држава. Но, вие мора тие инвестиции да ги впиете во себе како држава и да изградите капацитет за да продолжите со производството, да ја земете технологијата од нив, да ги земите капацитетите. Кај нас странските инвестиции се сфатени поинаку, доаѓа, експлоатира, дели само плата, дури има огромни бенефиции во однос на нашите домашни фирми и кога процесот на акомулација на капитал завршува, тие само се повлекуваат и си заминуваат, а тука остануваат само изработени луѓе, испиена нивна крв и толку. Значи ние немаме стратегија за инвестициите.
Од друга страна, навистина кај нас државата многу малку капитални инвестиции финансира, односно можам да кажам дека одвај 10% беше во последниот буџет. Кај нас задолжувањата кои се прават се прават за тековни трошоци, моментално имаме јавен долг од 80% од БДП. Од таму е сега идеата за продавање на земјиштето, затоа што не остана ништо друго, веројатно имаат потешкотии за земање кредити од надвор и сега треба да се продаде од внатре уште нешто.
Ние полека-полека ги оттуѓуваме сите работи кои што ги има оваа земја. Ја оттуѓуваме националната култура, ги оттуѓуваме нашите симболи, оттуѓуваме она што е државност, ние полека сега ја оттуѓуваме и земјата. Ние ги оттуѓивме и нашите работници. Лесно е да си капиталистичка земја во центарот на капитализмот. Ние сме на неговата периферија. И сега плус, ние како држава на Балканот сме и во специфична ситуација, каде што имаме упади од соседни држави.
Тука не се разрешени сѐ уште меѓудржавните односи и вие кога имате држава, која што е приватизирана, значи нема моќ во себе и тешко е да ги менаџира сите потребни работи за да ја задржи стабилноста. Затоа ние имаме многу нестабилна држава во суштина. Така што, влезот во НАТО нема да ја реши стабилноста, тоа е сигурно, како што видовме во последнава година.“