Молк за скандалот со кинеските вакцини додека Филипче ја чека суспендираната британска АстраЗенека

Десетици европски земји делумно или целосно ја суспендираа британската вакцина „Астра Зенека“ против вирусот COVID-1, откако беа забележани многу несакани дејства после вакцинацијата на своите граѓани токму со оваа вакцина.

Дури 8 земји, вклучувајќи ги Италија, Латвија, Луксембург, Литванија, Естонија, Данска, Норвешка и Исланд, одлучија да престанат да ја користат вакцина Астра Зенека, поради сериозни инциденти на згрутчување на крвта, кои претходно беа пријавени во многу земји.

Дополнително, Европската агенција за лекови (ЕМА) испитува неколку случаи на згрутчување на крвта поврзани со вакцинирани лица со оваа вакцина. Заклучно со 10-ти март, беа пријавени 30 случаи со сериозни несакани дејства кај 5 милиони луѓе кои досега биле вакцинирани со „Астра Зенека“ во Европа, објави ЕМА пред некој ден. Инаку, вакцината која беше развиена на универзитетот Оксфорд во Велика Британија, ЕМА ја одобри во јануари оваа година. 

Од друга страна пак, министерот Филипче најави дека до крајот на овој месец треба да пристигнат околу 40.000 дози токму од вакцините на „Астра Зенека“. Дали ова значи дека македонските граѓани ќе бидат ставени под ризик да треба да се вакцинираат со вакцина која покажува сериозни несакани дејства?!

Според регистарот во Хонг Конг, фирмата нема медицинско ниту фармацевтско портфолио

Претходно, и покрај тоа што Министерството за здравство најавуваше дека во секој момент се очекува 200 илјади кинески вакцини од компанијата „Синофарм”, сепак после беше соопштено дека кинезите го вратиле уплатениот аванс и одбиле да соработуваат. Сепак, тоа што може да се види според документите објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, со кои Министерството преку две писма за набавка ја овластува фирмата „Starbi International“ во Хонг Конг, е дека, покрај исклучително непрофесионалната содржина во писмата каде се направени недозволиви грешки – како што е на пример ословувањето на Народна Република Кина само со „Кина“ -, има и сериозни индиции на обид за корупција, односно изнудување провизија која раководните лица би си ја поделиле меѓу себе. Имено, според официјалната страна на регистарот на компании на Хонг Конг, фирмата има основачки капитал 10,000 hkg, еквивалент на околу 1000 евра. Дали ова значи дека сопствениците на компанија која треба да е застапник на владата во милионска зделка одговараат за своите обврски до износ од 1000 евра?! Освен ова, според регистарот во Хонг Конг, фирмата нема медицинско ниту фармацевтско портфолио, а била регистрирана во 2017 година,  додека пак седиштето 5/F Hong Kong Trade Center го дели со многу офшор фирми поврзани со Panama Papers.

И додека кинеската вакцина на компанијата „Синофарм“, не само што се донира насекаде низ светов, туку истата ќе почне да се произведува и надвор од Н.Р.Кина. Меѓу земјите кои ќе ја произведуваат е и Србија. Ова вчера беше најавено од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој соопшти дека фабриката на вакцината Синофарм ќе се заврши и ќе започне со производство на 15 октомври. Во Србија исто така ќе се произведува и руската вакцина „Спутник V“, која исто така ќе се произведува и во многу други европски држави како што е Швајцарија, Германија и Италија.

Додека пак СЗО вчера не успеа да постигне договор по предлогот за привремено откажување од какви било права на интелектуална сопственост за вакцините и третманите поврзани со COVID-19. Меѓу другите кои се спротивставија на овој популарен предлог за откажување од одредбите на Договорот TRIPS (договор со кој се регулираат меѓународните права на сопственост), беа и владите на САД, ЕУ и Велика Британија.

„Разочарувачки е тоа што, и покрај мнозинството, овој договор за откажување од правата на интелектуалната сопственост уште еднаш беше блокиран од неколку земји„ изјави Кејти Галогли-Свон, координатор на заеднички проект на Глобалниот центар за развој на политики и Конференцијата на Обединети нации за трговија и развој. Таа додаде „време е да прифатиме дека не сме на правата патека да го вакцинираме светот“.

Овие случувања околу производството и дистрибуцијата на вакцините фрлија ново светло врз геополитичките односи во светот. Додека капиталистичките земји од Западот покажуваат лоши резултати во справувањето со вирусот и високи степени на смртност, токму поради владеењето на неолибералните политики таму, кои не ги заобиколија ниту вакцините. Напротив, и вакцините се претворија во нова арена за брза заработувачка. Од друга страна пак, некогашните и сегашни социјалистички земји (како Русија, НР Кина и Куба) низ кризата ја демонстрираа супериорноста на социјалистичките здравствени системи, на нивната наука и фармација, произведувајќи вакцини кои се подготвени да ги споделат со светот. Поради ова, покрај здравствени и економски последици, пандемијата ќе има сериозно влијание врз разнишување на западната хегемонија и нејзиниот легитимитет ширум светот.  

Имајќи го сето ова во предвид, „алтернативниот пат“ за набавка на кинески вакцини на Заев и Филипче отвора сомнеж дека можеби имало перфиден обид Македонија да се искористи како маша на западниот империјализам за постигнување на некои повисоки нивни цели!?