Отворено писмо на младите до функционерите за Илинден

  • Став на член на Црвена Младина

Почитувани функционери…

Денес е Илинден, голем празник за Македонија, значаен дел од македонската историја.
На денешен ден, пред точно 119 години, македонскиот народ се кренал на востание за спас од петвековно ропство. Сега е XXI век и за жал, македонскиот народ сѐ уште ги чувствува прангите на своите дланки, но, овој пат не од Османлиската империја. Нема потреба да зборуваме и да објаснуваме за тоа што претставува Илинденското востание, тоа сите го знаеме, без разлика на околностите.
Оваа прилика ја користиме за да им се обратиме на функционерите:

Почитувани функционери, оваа прилика ја користиме за да ви се заблагодариме што ги избркавте младите од Македонија, да не бевте вие младите немаше да знаат што да прават во родната земја, па чекаат ред пред вратите на туѓината. Да не бевте вие, народот немаше да знае како да живее со наведната глава, како е да се биде граѓанин од трет ред во сопствена држава.

Ви благодариме што ја осиромашивте Македонија, за тоа што вие, функционерите, станавте побогати од самата држава. И за тоа што не го слушате народот, што нѐ оставивте со катастрофални автопати и улици, па дури и за сите партиски вработувања, ви благодариме.

Ви благодариме што на погрешен начин ни ја претставувате демократијата, благодариме што направивте средношколци да се бават со политички работи бидејќи се загрижени за својата татковина, наместо да се занимаваат со своите тинејџерски “проблеми”.
Благодариме и за тоа што ја делите Републиката како да е ваш личен имот, за тоа што ѝ го сменивте името (очигледно ви беше мало, па почувствувавте потреба да го зголемите), што нѐ вовлекувате од криза во криза, за тоа што воопшто не се ангажирате да го подобрите животот на народот, за тоа што (демек) ја претставувате Македонија во светот на “најдобар” можен начин.

За тоа што не го покачивте студентскиот оброк, како и посебниот додаток за децата со посебни потреби. За тоа што нѐ направивте апстрактна именка за соседите и светот, за тоа што работите сѐ што не сте овластени.

“Благодарноста” која ја чувствуваме кон вас е неопислива, и не може да се запише, бидејќи нема крај.
Вие, функционерите, сте доказ за тоа како еден функционер не треба да си ја врши работата, и не давате доличен пример за идните генерации.
Верувајте дека ќе дојде некој што сето тоа “посветено” работење ќе ви го извади низ нос и ќе врати сѐ што вие продавате.

Нашата историја, јазик и држава не се на продажба. Не можете да продавате  нешто што не е ваша сопственост, нешто во кое не сте вложиле труд, нешто за кое не сте мрднале со прст. Вашето “знаење” не поминува кај нас.
Ние знаеме кој е Гоце Делчев, за што се борел, кои биле неговите цели и идеали, и истите ќе ги следиме.
Не можете сите да нѐ избркате, тука има некој што си ја сака татковината и нема никогаш да ви ги прости работите направени за “доброто на сите”!
        

Честит Илинден Македонци!