Левица бара стручно мислење од Венецијанска комисија за вметнување етничка припадност во лична карта

Левица со писмено соопштение ја извести јавноста, дека пратениците, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, испратија писмо до претседателот на Венецијанската комисија, Џани Букикио, во кое се бара правно мислење околу проблематичното прашање за планираното впишување на податоци за „етничка припадност“ во личните карти на македонските граѓани.

Причината за ова писмо, е тоа што, ова советодавно тело на Советот на Европа е составено од независни и угледни експерти по уставно право, па поради ова, Левица бара стручно мислење од овие експерти, за овој важен проблем.

„Поконкретно, би Ве замолиле, до Вашите членови да ги проследите најновите измени на Законот за лична карта, кои се во легислативна процедура во македонското Собрание по скратена постапка (а кои Ви ги доставуваме во прилог), и да се произнесете за истите – особено од аспект на нивната усогласеност или неусогласеност со европската пракса и со легислативата на земјите-членки на Советот на Европа, како и во светло на компаративните искуства од други држави“, стои во барањето.

Инаку, Левица е единствената партија, која во парламентот го блокираше процесот на донесување на предлог законот за измени во лична карта. Имено, пратеникот Борислав Крмов, на оваа тема имаше неколку гостувања, изјави и коментари, кадешто аргументирано го објаснува проблемот на донесувањето на ваков закон. Според Левица, вметнување на етничка припадност во личните карти, повеќе ќе го сегрегира општеството и може да има фатални последици.

Пратениците на Левица, исто така пред една недела, до претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска, како и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднесоа Барање за одржување јавна расправа и спроведување на јавна дискусија за сензитивниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта.

Барање за стручно мислење од Венецијанска комисија околу вметнувањето на етничка припадност во лична карта