„Бомбите“ на Заев за случајот „Монструм“ не открија друга вистина освен неговата желба за власт

Еден од најконтроверзните судски и политички случаи во поновата македонска историја деновиве доживува своја разврска. Вчера обвинителството побара доживотен затвор, за Алил Демири, Агим и Африм Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм“, случај кој сегашната власт (тогаш опозиција) заедно со шарените револуционери и нивната новинарска клика, тогаш брутално го искористи за да ја искомпромитира власта, поигрувајќи си со судбините на семејствата на убиените деца.

Во основата на завршниот збор кој го даде обвинителката Фатиме Фетаи за овој случај, а кој содржи 70 страници, всушност лежи фактот дека и по неговото повторување, не се откри поинаква вистина за случајот во однос на претходната, за ова грозоморно петкратно убиство кое ја потресе македонската јавност. Таа истакна дека мотивот за петкратното убиство, што се случи на 12 април 2012 година, кај Смиљковското Езеро се крие најверојатно обид за дестабилизација на државата, појаснувајќи дека за делото тероризам не се потребни конкретни докази за мотивот, но истакна дека тоа ја интересира целата јавност, а најмногу семејствата на жртвите.

Верзијата дека жртвите се лишени на друго место и донесени на местото на кое се пронајдени, според Фетаи е целосно неточна, а за ова говорат изведените и материјални и нематеријални докази. Уште една шпекулација, за која нема никакви докази е дека убиените деца се познавале со децата на собранискиот спикер Трајко Вељановски и дека имале нерасчистени сметки. Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата, има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова.

„За наводите дека заштитениот сведок не постоел и бил инструиран, самите обвинители од СЈО имаа можност да го видат сведокот, така да сведокот постои и не е измислен“ –  изјави Фетаи.


Фетаи го посочи и премиерот Зоран Заев, кој од позиција на лидер на тогашната опозиција, јавно зборуваше дека прислушуваните разговори ќе ја откријат вистината за „Монструм“.  Тој за времето на шарената револуција, при неговата намера да дојде на власт, користејќи се со сите методи, по медиумите тврдеше дека во затвор се невини луѓе, лажејќи за инволвираноста на тогашната власт и злоупотребувајќи ја трагичната судбина на семејствата на убиените од Смилковско езеро за политички цели.

„И покрај ваквото тврдење, се отфрлија сомнежите дека постои друга вистина, на која, на еден начин, беше навлечена јавноста. Но, ниту прислушуваните материјали, ниту неговиот исказ, не ја смени вистината во Монструм“ – потенцира Фетаи.

За Фејзи и Хаки Азири, обвинителката Фатиме Фетаи побара максимални казни. Сите ги гони за тероризам и помагање тероризам. За обвинетиот Сами Љута беше повлечено обвинението поради тоа што недостасуваат докази. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во продолжение неколку слики кои прикажуваат како се водеше тогашната пропаганда од страна на актуелната власт.