Левица: Богоев потпишал скандалозен договор со „Агенција Рејтинг“ за консултантски услуги
Од политичката партија Левица реагираа дека Стефан Богоев на 18 декември потпишал договор со Агенција Рејтинг СП-М застапувана од страна на Никола Спасов, за консултантски услуги за оцена на успешноста на реализацијата на програмските активности на Општина Карпош во 2020 година. Од партијата обвинуваат дека овој потпис на Богоев ќе ги чини жителите на Карпош 279.660 денари.
„Услугата, како предмет на договор, по својата природа е повеќе од скандалозна, а со потпишувањето на овој договор Богоев ги потценува способностите на администрацијата на општината во однос на можноста самата да ја оценува реализацијата на програмските активности. Не само што ваква услуга не е потребна, туку истата е на директна штета на жителите на општината. Ова неодговорно трошење народни пари отвора и неколку сомнежи: Дали Богоев со овие пари си ја плаќа анкетата за претстојните локални избори? Дали е точно дека Богоев со Спасов се познаваат приватно и овој договор произлегува од нивната заедничка соработка во НГО секторот? Дали Богоев со овој договор ја потврдува неспособноста на својата партиска администрација? Зошто Богоев се задолжува за капитални проекти, а основниот буџет го троши на пропаганда?” – стои во реакцијата на Левица.
Се работи за Агенција која претходно беше поврзувана со СДСМ, откако во јавноста беше обзнането дека страната на општина Аеродром ја води токму Никола Спасов после доаѓањето на Златко Марин на власт. Дополнително, истата Агенција во 2014 година тврдеше дека според нејзините анкети претседателот Пендаровски ќе победи на претседателските избори, поради што останува нејасно нејзината кредибилност за спроведување анкети за јавно мислење.