Достоинствен живот е сето она што властите 30 години го сервираат како луксуз

  • Фејсбук статус на Антигона Браздова

Не ви смета криминал

Не ви смета корупција во секоја сфера

Не ви смета клиентелизам како државно уредување

Не ви сметаат неразрешени убиства

Не ви сметаат неказнети виновници за живи изгорени луѓе

Не ви сметаат пратеници што преку Вселената доаѓаат во Собрание и за тоа наплатуваат патни трошоци

Не ви смета обезличена и уништена држава во која се негува фaшизам.

Не ви смета загаден воздух, уништени шуми и езера/реки полни со фекалии

Не ви смета инфлација, скоро па двоцифрена

Не ви сметаат вработени во Регулаторна што земаат +90.000,00 плата, а никаков аир не гледаме од нив (ова е само еден пример, а многу вакви непотребни установи и работни места има)

Не ви сметаат 1300 вработени по Рамковен што седеа/седат дома и земаат плата

Не ви смета што во државна администрација пола вработени се вишок, а и покрај тој вишок ниту една административна обврска не можеш да ја завршиш без најмалку 3 одења во конкретна установа.

Ама, затоа ви смета кога наставниците протестираат за повисоки плати. Исто како што ви смета секој штрајк на лекарите. Па, за да си ги оправдате своите (или партиски наметнатите) ставови, имате тенденција да генерализирате и едно лошо искуство со наставник (или медицинско лице, најчесто) да го земате како репер за да оцрните цела една професија. Па почнувате со сите можни невкусни епитети: неписмени стоки, ништо не работат, партиски војници, говеда, копита, сељачишта, паразити, кретени. Па дури и лекарите ги нарекувате убијци. Заради лекарски грешки на поединци или нивни ставови, цела фела ја нарековте убијци. Никаде не е идеално, но не може заради исклучоци да оцрнувате цела професија. Затоа што во таа професија, има многу луѓе кои чесно и со многу вложен труд ја заработуваат месечната плата.

Ако ги тргнеме на страна партиските наредби, навистина ме интересира зошто ви смета кога некој се бори за тоа што го заслужува? Секој човек што чесно работи, без разлика што е по професија и какво образование има, заслужува достоинствен живот. Секој! А, достоинствен живот е многу повеќе од месечно преживување и пребројување на парите дали ќе стигнат за сметки и храна. Достоинствен живот е сето она што властите 30 години го сервираат како луксуз – можност да си купиш стан и кола, да отидеш на летување и зимување, да си купиш облека, да отидеш во кино, театар, ресторан или прошетка на продолжен викенд кога и да посакаш. Кога и да посакаш. Со плата. Пошто така се живее во нормални држави. Доколку не знаете како да си ги канализирате негативните емоции заради личните незадоволства или доколку не знаете како да се изборите за сопствените права, оставете ги барем тие што посакале да сменат нешто, да се изборат.

Неквалитетното образование најмалку е вина на наставниците. Уништеното здравство најмалку е вина на медицинскиот кадар.

Виновниците за нефункционалноста и распаѓањето на едно општество не се наоѓаат во училштата и болниците, туку се залегнати во министерски и директорски фотелји и никогаш вистински не поминале низ еден образовен процес. Си купиле дипломи, па моќни дека купиле дипломи, мислат дека секој може да се купи и вриштат кажувајќи како треба да живееме и како треба да мислиме. Тие, олошите. Дното под секое дно. Отпадите од човечкиот род. Грешките на природата.

Затоа, на наставниците имам само едно да им порачам – Не им попуштајте!!!

Дел од јавноста не знае, ама вие знаете дека не работите само 4 часа на ден. И дека не сте само наставници, туку и педагози и писари.

Не дозволувајте да ве убедат дека не вредите, макар штрајкувале до јуни!

П.С. Зголемувањето на платите во време на инфлација, не е зголемување туку порамнување. Нека не мудрува многу тој од Харвард, пошто има луѓе во државава што учеле и научиле економија.