Нови документи ја откриваат улогата на САД во атентатот врз Аљенде

Речиси од самиот момент кога Салвадор Аљенде ја презема функцијата претседател на Чиле (ноември 1970 година) републиканскиот претседател на САД, Ричард Никсон и администрацијата на САД активно се инволвирани во смената на новата социјалистичка власт.

Ова е заклучокот што може да се извлече од новообјавените декласифицирани документи за активностите на САД во соборувањето на чилеанскиот претседател, објавени на 50-годишнината од инаугурацијата на Аљенде од страна на архивата за национална безбедност на универзитетот Џорџ Вашингтон во Д.Ц.

Меморандумите и белешките покажуваат дека највисоките американски службени лица не биле загрижени само од подемот на Аљенде во спроведувањето на анти-американска и анти-корпоративна политика во Чиле, туку дека и другите потиснати нации во Латинска Америка и Европа ќе се инспирираат да го следат примерот на чилеанскиот народ во борбата за национално ослободување.

Дел од објавените записи

Новообјавените, декласифицирани документи од 1970 година откриваат како Советникот за национална безбедност на Никсон – Хенри Кисинџер детално подготвува заговор со Централната разузнавачка агенција за дестабализација и конечно соборување на Аљенде. ЦИА дури прави обид да ја спречи номинацијата на Аљенде уште пред тој да биде избран на изборите во Чиле.

„Изборот на Алиенде за претседател на Чиле претставува еден од најсериозните предизвици со кои некогаш сме се соочиле“, напишал Кисинџер во меморандумот кон Никсон на 5 ноември – два дена по инаугурацијата на Аљенде во Сантијаго.

Големата загриженост кај американските власти била дека и останатите латино-американски народи ќе пристапат кон процес на избирање претседател кој не е под контрола на САД, со што би биле загрозени американските корпоративни интереси низ целиот регион.

„Силно сметам дека оваа линија е важна во однос на нејзиното влијание врз народите во светот“.,вели Никсон во релефонски разговор со Кисинџер на 9 ноември 1970 година. „Ако тој (Аљенде) покаже дека може да воспостави марксистичка анти-американска политика, тогаш и другите ќе го сторат истото.

„Ќе има (неразбирлив) ефект дури и во Европа. Не само во Латинска Америка “, вели Кисинџер во еден од разговорите, според документите објавени од Архивата. Забележителен е исто стравот на Кисинџер од влијанието на успехот на Аљенде врз Италија, која исто така имала силна Комунистичка партија.

Еден од новооткриените документи од Архивата за национална безбедност ја опишува ЦИА како клучен играч во таа борба, често интервенирајќи преку скриени активности за соборување на популарно избрани водачи, за кои се сметало дека се спротивставуваат на корпоративните интереси на САД.

Според објавеното во меморандумите, првиот обид на ЦИА против Аљенде завршува неуспешно. Претходникот на Пиноче, како воен началник на генералштабот, генерал Рене Шнајдер, одбил да им нареди на вооружените сили да тргнат против Аљенде. Тоа ќе претставувало крај на демократската историја на Чиле стара 120 години. Пиноче подоцна, со помош на ЦИА,  ја разбива таа историја, воспоставувајќи воена хунта во траење од 17 години.