Антикорупциска комисија со констатирани нерегуларности ги запре постапките против Еролд Муслиу
Откако претседателката на Антикорупциска Комисија- Билјана Ивановска најави дека ќе достават препорака за покренување нов Закон за Агенција за разузнавање, во текот на вчерашниот ден на сајтот на ДКСК беше објавена Одлука со кои се запираат постапките против директорот на Агенцијата за разузнавање – Еролд Муслуи. Против Муслиу минатата година беа поднесени три пријави поради постоење индиции за прекршувања на Законот за Агенција за разузнавање и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Во објавената Одлука, Комисијата констатира дека постојат прекршувања на членот 19 од Законот за Агенција за разузнавање, односно „во врска со вработувањето на лице кое е блиско лице на државен правобранител, ДКСК смета дека случајот на вработување на лицето —– се коси со ставот 2 од член 19 од законот…Лицето било преземено од АРМ без објавување оглас и без склучување договор за вработување, но со добиена согласност од Министерството за финансии и дека овој начин на вработување без оглас било пракса што се користела од формирањето на Агенцијата од 1998 година.”
Дополнително, Комисијата ги потврдува наводите дека – спротивно на членовите 54 и 62 од Законот за борба против корупција – Еролд Муслиу доверил возило за употреба на друг државен орган кој одлучува за жалби по неговите решенија за работни спорови -со што предизвикал влијание врз друг. Во објавената Одлука, Комисијата во скромно објаснување наведува дека Агенцијата имала склучено повеќе договори за отстапување на користење на возила и со други државни орган.
Нејасно е како Комисијата утврдила дека нема случај за постапување, ако се земе во предвид членот 54 од Законот за спречување на корупција кој гласи: „Секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени. Забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење.”
За работата на Антикорупциската комисија во неколку наврати реагираа и од политичката партија Левица, при што ја обвинија Комисијата дека претставува продолжена рака за штитење на криминалите на власта. Дополнително, вчера преку соопштение до јавноста, од Левица побараа Антикорупциска Комисија да отвори случај за поранешниот министер Горан Сугарески поради постоење сомнежи за незаконско усвојување на спорниот ДУП за „Шик Јелак”.