‘Операција хотел’: Нови детали за софистициранa операција за шпионирање врз Асанж се појавија на судењето

Нови откритија за обемното шпионирање врз Џулијан Асанж додека барал политички азил во еквадорската амбасада во Лондон, се појавија на Олд Бејли во средата (30 септември).

Детали за операцијата за шпионажа (поддржана од САД), претходно беа објавени од ‘’свиркачи’’ во шпанската фирма за обезбедување „УЦ Глобал”, но адвокатите на Асанж изнесоа досега необјавени инфорции на судењето во Олд Бејли. Двајцата свиркачи (кои останаа анонимни) биле дел од шпанската фирма од 2015 година, која е во сопственост на Дејвид Моралес. Тие биле сведоци како фирмата станува дел од еден од најпознатите и високопрофилирани напади врз политички затвореник во поновата историја.

Дејвид Моралес – сопственик на шпанската фирма „УЦ Глобал”

Свиркачите (претставени како сведок 1 и сведок 2) детално објаснаа како се одвивала „Операцијата Хотел”. Сведoкот 2, ИТ експерт во фирмата, детално објасни како Моралес му дал задолженија да ги замени камерите за видео-надзор со камери за тајно аудио-снимање во еквадорската амбасадата каде бил сместен Асанж во мај 2017 година. Сведокот пред судот во Олд Бејли изјави дека на почетокот на декември 2017 година му било наложено да ги инсталира новите камери.

„Од Моралес ми беше наложено да не изнесувам информации за спецификациите на системот за снимање и доколку ми побараат објаснување, да негирам дека камерите снимаат аудио. Ми рекоа дека е императив овие упатства да се спроведуваат како што доаѓаат, наводно, од највисоките сфери. Всушност, во неколку наврати бев запрашан од г-дин Асанж дали новите камери снимаат звук, на што јас одговорив дека не го прават тоа, како што ми даде инструкции мојот шеф.Од тој момент, секоја средба на азилантот беше снимена. Во нашите канцеларии во Шпанија беше споменато дека камерите биле платени два пати, од страна на Еквадор и САД, иако немам документирани докази што го потврдуваат ова тврдење.“

Сведокот 2 детално објасни како Моралес побарал од него да обезбеди брз пристап до снимките за „американските пријатели“ на УЦ Глобал. Меѓутоа, свиркачот изјави дека не го сторил тоа „затоа што не сакал да соработува во незаконски чин од вакви размери“. Наместо тоа, вработен во УЦ Глобал добил упатство да патува во Лондон на секои 15 дена со цел да ги земе снимките и да му ги предаде на Моралес, кој патувал често за САД за да ги предаде материјалите на ЦИА.

„За Моралес се зборуваше дека му се исплаќани 200.000 евра месечно за прислушувањето – колегите забележаа како неговото трошење стана раскошно, купувајќи си нова куќа и голем број блескави спортски автомобили во период од две години.”

Моралес им наредил на вработените да сокријат микрофони во сите противпожарни апарати, со цел да бидат под надзор сите простории на амбасадата.

Американските разузнавачки агенции, наводно, биле задоволни од нивото на комуникација кое било пресретнувано, но го охрабрувале персоналот на УЦ Глобал да го зголемат обемот на шпионирање – посочувајќи го адвокатскиот тим на Асанж како приоритетен. Поради тоа било поставена дополнителна скрининг-опрема со цел прибирање податоци за посетителите на амбасадата – кои потоа биле проследувани до агент некаде во САД.

Асанж брзо го разоткрил прислушкувањето и поради тоа за време на важни разговори користел радио кое испушта шум. Одредени средби се одвивале во женската бања. Тогаш разузнавачките агенти надвор од амбасадата поставиле микрофони со ласерска технологија кои детектирале разговори низ прозорците.

Дел од изјавата на Сведокот 2 изнесена на судењето на 30 септември

Адвокатите на Асанж ги презентираа доказите пред судот како дополнителен доказ за „злоупотребата на процесот“ што се случил во текот на неговата битка со американските власти. Оваа недела е последната недела од судењето за Асанж.