Охрид СОС: Се уништува државна шума и узурпира државно земјиште за приватни цели

Од иницијативата Охрид СОС на својот фејсбук профил објавија за нови нелегални активности на Охридското езеро, овој пат на излезот од Лагадин. Од таму најавија дека ќе истражат кој дал одобрение за градење на државно земјиште, со оглед на тоа што локалната самоуправа на хартија се декларира како најтранспарентна во југозападниот регион, иако во пракса е сосема спротивното. Во продолжение ја пренесуваме целата реакција:


“На излезот од Лагадин, во катастарска општина Елшани, далеку од очите на јавноста, се уништува државна шума и узурпира државно земјиште за приватни цели. Повторно истиот начин на делување, подмолно, суптилно, ако не се открие нека помине.

Слика 1 – Над патот, зад првиот ред објекти, кои се доста високи и габаритни, се гради уште еден, веројатно сместувачки капацитет. До градежната парцела се стигнува преку земјена патека, пробиена низ државно земјиште. Се наѕира и потпорен ѕид, но и голема површина околу која е сосема оголена шумата.

Слика 2 – Приказ на катастарската парцела 2729/1, која е државно земјиште, а која зафаќа мал дел од земјената патека, но и дел од малата шумичка над првиот ред објекти. Некој тука изградил и објект со базен, а дел од соседниот објект со црвен кров исто така влегува во рамките на оваа парцела. Дополнително ќе истражиме кој дал одобрение за ова и кој градел на државно земјиште бидејќи локалната самоуправа само на хартија се декларира како најтранспарентна во југозападниот регион, иако во пракса е сосема спротивното.

Слика 3 – Ова е парцела во приватна сопственост (КП 2733/1) во рамките на која се наоѓа бетонското здание во изградба. Но, на сопственикот на парцелата некој му дал на располагање државно земјиште за пристап до парцелата, но и државна шума која е уништена за околу објектот да се направи празен простор, веројатно за паркинг, и покрај патот потпорен ѕид. И тоа ѝ е непознато на јавноста.

Слика 4 – Пред објектот во изградба, но делумно и во рамките на објектот со црвен кров се наоѓа КП 2733/2 која е исто така државно земјиште.

Слика 5 – Приказ на државната шума во рамките на КП 15/1, која во делот над земјената патека и околу објектот во изградба е сништена. Ќе мора одговор да дадат Национален Парк Галичица во чии граници е и овој дел, но и ЈП Национални шуми.

Овој пример нема да влезе во евентуален извештај на Општина Охрид и Влада на Република Македонија наменет за UNESCO или да се сподели со Делегацијата на ЕУ. Дека мораториумот за градба беше само pro forma, покажуваат и овие примери. Последната одлука за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени обејкти, што ja донесе Советот на општината на седницата одржана на 18 март годинава ќе важи до 1 октомври. Но и претходно ваквите одлуки имале повеќе исклучоци, па непречено се одвиваше градежната експанзија.”


СЕПАК ИСТАТА СОСТОЈБАНа излезот од Лагадин, во катастарска општина Елшани, далеку од очите на јавноста, се уништува…

Публикувахте от Охрид SOS в Вторник, 18 август 2020 г.