58 години од основањето на Палестинската ослободителна организација (ПЛО)

Палестинската ослободителна организација (ПЛО) е основана во 1964 година за време на првиот арапски самит во Каиро, каде лидерите на 13 арапски земји ветија дека ќе преземат поактивна улога за „ослободувањето на Палестина“. Оттогаш организацијата се декларира како претставник на палестинскиот народ и неговите националистички аспирации.

Седиштето на организацијата е во градот Ал Бира на Западниот Брег, а повеќе од 100 земји со кои има дипломатски односи ја признаваат како единствен легитимен претставник на палестинскиот народ.

ПЛО работи првенствено како чадор организација за шест палестински групи, најистакнато, групата Фатах на Јасер Арафат, кој во 1969 година беше избран за претседател на ПЛО, а Фатах стана доминантна партија во организацијата.

Водечката идеологија на ПЛО беше наведена во Палестинската национална повелба, која беше усвоена при нејзиното основање во 1964 година и изменета во 1968 година. Повелбата функционираше како устав на ПЛО и содржеше 33 члена.

Во јуни 1974 година, ПЛО ја усвои својата „Фазна програма“ која прогласи „Секој чекор за ослободување што е постигнат претставува чекор за продолжување на постигнувањето на стратегијата на ПЛО за воспоставување на палестинската демократска држава (…) за да се отвори патот за завршување на ослободувањето на целата палестинска почва“. Палестинската национална повелба и „фазната програма“ од страна на Израел беа оценети како терористички.

ПЛО беше одговорен за голем број вооружени дејствија кои се спротивставуваа на израелските репресии. Во 1988 година во Женева, Арафат објави дека ќе го прифати постоењето на Државата Израел, ќе се откаже од воените дејствија и ќе ги прифати резолуциите 242 и 338 на ООН, со цел да се закопа оружјето помеѓу двете завојувани страни. Но, и покрај оваа резолуција, по продолжувањето на воената репресија и империјалистичка политика од страна на Израел, без разлика на постигнатите договори ПЛО мораше да продолжи со дејствијата кои го заштитуваа месното палестинско население.

По тајните преговори со Израел во Осло, на 9 септември 1993 година, Арафат испрати писмо до израелскиот премиер Јицак Рабин во кое го признава правото на Израел да постои, за возврат, Израел ја призна ПЛО како „официјален претставник“ на палестинскиот народ и започна официјални преговори со нив. Повелбата беше ревидирана на гласање од страна на Парламентот на палестинската управа во присуство на американскиот претседател Бил Клинтон во декември 1998 година.

Денес ПЛО продолжува да постои, нo сепак нејзината главна улога и понатаму останува заштитничка кон палестинскиот народ, кој и покрај договорите со Израел непрекинато се наоѓа под нивна репресија. По смртта на Арафат во ноември 2004 година, Махмуд Абас, долгогодишен генерален секретар на ПЛО, стана нов претседател на ПЛО и потоа беше избран за претседател на палестинската управа.