Народниот фронт за ослободување на Палестина и Хамас се обединуваат против анексирањето на Западниот брег

Израелскиот Премиер, Бенјамин Нетанјаху, најави дека на 1 јули ќе започне процес за анексирање на 30% од Западниот брег и други населби во Јорданската долина. Процесот е дел од таканаречениот „мировен“ договор на Трамп, кој беше договорен на почетокот на годинава помеѓу Трамп и Нетанјаху во отсуство на палестински претставници. Планот, кој беше составен од страна на тим предводен од зетот на Трамп, Џаред Кушнер, беше предмет на остри критики поради несразмерните придобивки за Израел на штета на Палестина. 

Во неделата, после средба на лидерството на Народниот фронт за ослободување на Палестина и Хамас, двете организации ја нагласија „потребата да се засили отпорот на Палестинскиот народ во очи на политиката на опколување и изгладнување која има намера да ги покори Палестинците“.  Во заедничко соопштение се вели и дека „Народниот фронт за ослободување на Палестина и Хамас мора да го засилат целокупниот отпор на сите страни“.

Претходно, портпаролот на Хамас плановите на Израел ги нарече „криминални“ и „најголема кражба на палестинска земја во последниве децении“.  Тој рече дека плановите на Израел „ќе бидат пресретнати со отпор во сите форми“ и повика на единство помеѓу Палестинците и покрај поделбите помеѓу нив. 

Плановите за анексија на израелската влада беа осудени од страна на Обединетите нации, кои планот на Нетанјаху го нарекоа „незаконски“ и изразија жалење за поддршката на САД. Од Европската унија исто така предупредија за можни „мерки“ против Израел и најавија дека ќе продолжат да работат кон „спречување на сите можни иницијативи кон анексирање“. Високиот комесар на ОН за човекови права, изјави дека планот на Израел би имал „катастрофални“ последици за Палестинците, за Израел и за поширокиот регион. 

Белгискиот парламент донесе резолуција со која се повикува Владата да го предводи патот кон имплементира на мерки против Израел доколку продолжи со плановите за анексија на делови од Западниот брег. Во документот исто така се повикува на заеднички европски казнени мерки кои би се презеле против Премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата Влада. Доколку не се постигне договор за заеднички одговор на Европско ниво, Белгија ќе треба да „формира коалиција на држави истомисленици“, се вели во резолуцијата.

Многу земји од ЕУ ги осудија намерите на Израел за анексија на 30% од западниот брег, но за воведување на санкции потребен е консензуз помеѓу сите 27 земји-членки.