Јована Мојсоска – носител на Левица во ИЕ5: „Единственото зелено е црвено“

Јована Мојсоска – дипломирана на Факултет за безбедност и финансиска контрола и редовен студент на Факултет за ветеринарна медицина. Основач и член на повеќе иницијативи за заштита на животните и животната средина. Актуелен член на Президиумот на Левица и носител на пратеничката листа во Изборната единица – 5.


Од иницијатор и борец за заштита на животните и животната средина до политички активист во сериозна левичарска Партија која се бори за суштински промени, дали може да ни кажеш нешто повеќе за овој процес?

Мојот политички активизам започна преку волонтерско и ентузијастичко формирање на локално здружение во Струга за справување со проблемот со бездомните животни. Бездомните животни ми се слаба точка, при што и јас чувам неколку стерилизирани животни спасени од улица.  Неможејќи да ја игнорирам ригидноста на институциите, одлучив да излезам од политичката апатија и да се потрудам да дадам свој придонес за санирање на дел од општествените аномалии. Талкајќи низ активистичките води, соочени секојдневно со енормната неспособност, некомпетентност и корупција на институциите, почнав да се преиспитувам колку има реален ефект мојот вонинституционален пристап пред една енормна машинерија на нефункционални институции и политиканти – кои всушност егзистираат врз проблемите кои активистите се обидуваат да ги редуцираат. На некој начин сфатив дека изолирано и парцијално делување е само шминкање на последиците, наместо системско отстранување и сосечување на коренот кој репродуцира низа проблеми во државата.

Додека ние се бориме да спасиме некое бездомно животно или да ги спречиме бизнис-орките да изградат нова платформа во водите на Охридското Езеро – на другиот крај се отвараат рудници на смртта; неуставно и криминално се менува уставно име на државата; се амнестираат и помируваат тендер-партиите; моќници заштитени од власта профитираат од исфрлање канцерогени честитки додека во септичните болници умираат 3000 граѓани годишно од загаден воздух. Токму поради тоа, одлучив дека само преку автентична партија на неискомпромитирани активисти може да се направи реална промена и да се спротистави на едно труло општество, преку преземање на (моментално) узурпираните институции од стручни и совесни поединци кои се грижат за општото добро – а кои јас низ моето скромно искуство, сум имала среќа да ги запознаам.


Дали си имала прилика и мотив за приклучување кон некоја друга политичка партија пред Левица?

Доаѓам од семејство на работници и земјоделци, моите не биле дел, ниту пак уживале привилегии од владејачкиот естаблишмент – напротив, биле принудени да преживуваат под репресивните политики на корумпираните партии низ последниве три децении. За жал, политичката понуда во држава која е на периферијата на капитализмот е сведена на голо политиканство, чии единствени интереси се акумулирање што поголемо богатство во еден мандат преку агресивни нео-либерални економски политики, проследено со паралелна послушност кон апетитите на странскиот фактор , односно интерес.

Најголемиот успех на пропагандната машинерија на статус-квото е убедувањето дека не треба обичниот граѓанин да се занимава со политика, иако историјата е доказ дека само низ организирана политичка борба предводена од авангардна партија можно е да се роди новото, прогресивно општество врз неминовното распаѓање на старите, реакционерни сили. За време на претходната власт кога почнаа да се јавуваат никулци на отпор, единствено во активистите на Ленка препознав автенична енергија за трансформација на општеството, во сета збирштина на уфрлени платени активисти, деца на функционери и ситни опортунисти. Кога Ленка одлучи да се трансформира во Левица, безрезервно ја поддржав идејата и така станав дел од основачите на Левица.    


Главно мнение меѓу народот е дека, штом некој влезе во Парламент, станува друг човек, односно се менува. Што би променила Јована кај себе доколку стане пратеник?

Често го добивам ова прашање и мојот искрен одговор е дека да бевме уште една партија која се бори за ситни и лични бенефиции, ќе бевме веќе дел од конвенционалните партии и ќе ги спасевме барем најблиските од главоболката што им ја задава нашиот политички активизам. Можеби ќе звучам нескромно, но не е лесно да си Левица и да стрчиш на интересите на партиските банди кои не бираат средства и методи да ја кооптираат, угушат и сузбијат и најмалата појава на отпор. Левица да стане парламентарна партија не е цел, туку е само алатка во градењето на држава која не е приватна сопственост на шака олигарси и лукративни политиканти – туку држава од народот и за народот. Низа генерации пред нас дале огромни жртви за ослободување и градење на Република Македонија и најмалку што можеме да придонесеме е да не дозволиме таа жртва да биде залудна заради неколку вазални политичари за кои освен личниот профит, ништо друго не е свето.


Зошто на Парламентот, односно на народот му треба Левица?

Во левичарските кругови често се користи фразата „Единственото зелено е црвено”. Односно, Левица е партија која сеопфатно (а не парцијално) го провоцира еден неправичен систем кој својот просперитет го гради врз безобзирна експлоатација на ограничените ресурси, а во име на неограничените потреби. Така, и зелените проблеми се нуспојава на општествените односи кои почиваат врз неограничената експлоатација на ресурсите и пазарната анархија и дерегулација, а се со цел што поголемо и непречено акумулирање профит на неколку поединци. Сведоци сме како најголемите загадувачи на воздухот кои со години остваруваат милионски профит се толерирани од партиите на капиталот, што не е изненадувачки ако се има предвид дека токму крупниот капитал или е најголем финансиер на партиите, или самиот е директен учесник во највисоките кругови на власта.

Поаѓајќи од тука, Левица како неискомпромитирана партија од интересите на капиталот нуди сет мерки како укинување на можноста со непосредна спогодба да се отуѓи градежно земјиште сопственост на РМ за оформување на градежна парцела; враќање на акцизата за јаглен-кокс како еден од најштетните енергенси кои се користи во тешката индустрија; донесување Закон за забрана за увоз на секаков вид отпад; прогласување за национални богатства на водите, шумите, рудите и минералните ресурси и уставна забрана за нивно издавање под концесија, како и донесување Закон за заштита на почвата и воведување параметри за максимална загаденост на почвата.


Спасуваш повредени и загрозени улични животни, политички си ангажирана поголемиот дел од денот, има ли Јована време и за други, да речеме лични активности во секојдневниот живот?

Со оглед на тоа што имам доволно животни и обврски околу нив за да ми го исполнат денот, слободно време речиси и да немам. Но, морам да признаам дека уживам во тоа и во ниту еден момент не сум зажалила заради начинот на живот кој сум избрала да го имам.


Левица не е нова Партија, имено учествувавте и на претходни избори како парламентарни така и локални, додека на Референдумот водевте кампања за Бојкот, односно против промена на името на државата. Сведоци сме дека периодов, односно периодот пред поднесувањето на кандидатските листи за овие избори се оформија неколку нови мали партии, чии дури имиња не и се познати на јавноста. Како гледате на оваа појава? Што за вас значи формирање на толку нови партии (токму пред избори) на еден вака мал по жители простор?

Она во кое Левица ужива компаративна предност е нејзиното доследно продолжување на борбата против режимот, додека низа таканаречени активисти замолкнаа за клучни прашања и предизвици со кои беше соочена Македонија изминативе три години. Дел од денешните новоформирании партии беа ревносни поддржувачи на СДСМ во 2016 година и водеа агресивна кампања против самостојниот настап на Левица, за кој од последната бомба на Заев дури и најголемите скептици ќе се уверат дека била правилна одлука, особено на долг рок. Мене ми е иронично и потценувачки да слушам како бивши функционери зборуваат за нефункционалност и партизираност на системот, кога истите тие со години биле дел токму од тој недемократски систем и уживале привилегии, додека мнозинството биле принудено да живее на маргините, во социјална беда и мизерија.  

Така да, воопшто не ме изненадува да се работи за инсталации на одредени структури за разводнување на народниот отпор, особено кога се разви силен НАТО и ЕУ – скептицизам после признавањето на резултатите од неуспешниот референдум и стана евидентно лицемерието на странскиот фактор. Во самата реторика може да се забележи забегување во ЕУ – фундаментализам во обид да се одбрани неодбранливото, поради што сметам дека нивната улога е амортизирање на анти – ЕУ и НАТО сентиментот, како и продолжување на погубната догма за  „интересот на евро-атлантските интеграции”, без никаков сенс за приоритет на националните и државните интереси.

Јас верувам дека искреноста никогаш не можеш да ја изглумиш, и токму поради тоа се силните симпатии кон децата на транзицијата кои претставуваат освежување на трулата политичка сцена, узурпирана од фамилијарните династии на црвената буржоазија. Ние немаме ништо заедничко со оваа мала привилегирана каста – тие бегаат од загадениот воздух на скијање на Алпите, се лечат во приватните болници на нивните финансиери, студираат со државни стипендии на светски престижни факултети, додека нашите родители со мака и чемер ги градат нивните палати. Изградија свој паралелен свет на луксуз и раскош во кој живеат тотално алиенирани од потребите и маките на обичниот работник, студент, земјоделец. Можеби некој ќе рече дека децата на транзицијата звучи грубо и исфрустрирано – но, што е тоа во споредба со секојдневното насилство на корумпираниот и неправичен систем кој транзиционите профитери го изградија? Впрочем, колку повеќе тие нѐ толчат, ние толку повеќе растеме – спремни да го размонтираме статус-квото и врз неговите урнатини заеднички да изградиме нов свет, братски.