Леб

  • Пишува: Мери Георгиевска

Да живееше Шекспир во севернава ни, Крал Лир ќе ја изговореше следнава реплика: „Ние сме на политичарите како мувите на немирните деца: тие нè убиваат поради забава.“

Аксиолошката перверзија на демократијата во која едвај преживува нашата држава Македонија, предводена од Сдс и неговиот премиер, како и очевидно силно и отворено поддржана од опозициските подлизурковци на Дпмне, разликува само две вредности: богаташите (капиталот) и сиромашните (трудот).

Овој систем го донесе Македонскиот народ и сите етникуми кои живеат во Македонија под дното на даските, онаму каде што мириса на мувла, го фрли безкрупулозно на пците да го растргнат, гледано во секоја сфера на општеството. Сторија кривично дело врз Македонскиот народ.

Му го киднапираа животот!

Сиромашните не можат без да јадат леб, а богатите без да ги јадат сиромашните.

Па предлагам да ѕирнеме во значењето на лебот, за можеби да откриеме што ни порачува овој феномен безлебие за иднината на Македонија.

Низ историјата, лебот, и секоја негова форма од илјадниците форми откако постоел, а постои 14.000 години, бил храната на која човештвото можело да се потпре.

Интересно е малку да рефлектираме во перцепцијата за лебот од илјада гледни точки;

Лебот како протест, лебот како опстанок, лебот како светост, лебот како тимска работа, лебот како исхрана, лебот како уметност, лебот како историја, лебот како изведба, лебот како прослава, лебот како тага, лебот како вредност, лебот како традиција, лебот како благодарност, лебот како метафора, лебот како ритуал, лебот како потпорен ѕид… Листата нa неговото значење е бескрајна.

За мене лебот беше мирисот на утрото и баба ми Љуба. Се будам на гости во Битола на Рузвелтова 15. Мириса на тазе измесени сомуни леб. Не можеш да призаспиеш и зошто би?

Лебот беше танц. Утрински танц со баба ми на некој шлагер на македонското радио. Колку растев, сè повеќе бев фасцинирана од тој процес, па ја гледав додека го меси, додека го удира тестото од даската, па го обликува нашиот насушен леб.

Најпосле почна да ме фасцинира како се нарекува лебот на различни јазици и дијалекти.

На некои арапски дијалекти, лебот се нарекува Ајш, што значи живот или извор на животот. Да живееш.

Дали живееме драги мои македонци?

И како одживуваме драги мои македонци?

Дали стравот од можноста да не бидеме македонци или пак да бидеме македонци сосем малку, може да се споредува само со стравот од можноста да бидеме некои други додека мислиме дека сме македонци??

Вака изгледа стапицата која ни ја поставува оваа власт/невласт, или овие досегашни власти/невласти. Триесет години сме приморани да го купуваме идентитетот, иако условени да се согласиме на живот сервиран од истите тие невласти кои го ставија народот во фолдерот на заборавот.

И сега после милион преживеани пречки на сиромашните, богатите отворија фолдер под наслов „безлебие“.

И ние пак се согласивме на живот. Зошто, надвор е опасно. Врне. Грми. Лијат дождови, пече сонце, зима е, ладно е, па топло е, па не е запролетено, загушливо е, па загледав серија, па не ми се излегува немам зошто да се борам.

Најлошата варијанта секогаш била и ќе биде да се помириш со судбината, а тоа би гласело вака: моето јас е рамно на сè она што го грабнало од другите јас, минус сè она што другите јас го грабнале од моето јас и сето тоа врз сè она што моето јас вложило за да ги достигне другите јас.

Така изгледа синџирот на секој социетет.

Останува уште да им дадеме согласност на властите да бидеме оковани со него.

Таа согласност од власта и сегашнава опозицијата ни е загарантирана. Ја даваат секогаш пост фактум и тоа од страв да не случајно добиеме референца за идентитет.

Во овој никаков, скапан систем на вредности, во кој не е воопшто смешно исмејувањето на социјалните статуси со немаштијата или недостатокот на леб сега во поново време, власта ги дели луѓето на употребливи и неупотребливи. Исто и како лебот.

Употребливите се во моментов сите оние кои за да јадат леб си го продаваат достоинството и газот, а неупотребливи се оние кои не си го продаваат нити достоинството нити газот.

И да завршам како што започнав.

Дали пораката од состојбата на безлебието е дека од сега ќе нема протести, опстанок, потпорен ѕид, уметност, светост, храна, историја, претстави, прослави, вредности, традиција, благодарност, живот, метафори и нафори? – сите значења на лебот наш насушен.

Хм. Мене пак нешто ми замириса. 

Овој пат на пролет!

Смрт на фашизмот – Слобода на Народот!