Ресоцијализацијата некогаш и денес
Сведоци сме како постојано се критикува процесот на ресоцијализација во затворскиот систем, притоа апелирајќи за подобрување на програмите кои постојат наменети за таа цел. Дел од препораките на Европската унија е целосна реформа на правосудниот систем, во кој дел спаѓаат и Казнено-поправните установи. Препораките се со директни насоки и веќе изготвени програми за ресоцијализирање на осудените лица со цел намалување на криминалното повратништво. Дел од тие предлог програми потсеќаат на функционирањето на програмите за ресоцијализација во едно друго време, времето на кое многумина со носталгија се потсеќаат, времето кога постоеше една Југославија, од која многумина учеа. Во таа насока се поставува прашањето дали европските предлог програми што сега ни се наметнуваат не се веќе копија на нешто што ние го имавме, па сега ни го продаваат во убаво спакувана форма нашиот производ позади пропагандата на европските вредности и стандарди, а притоа уценувjќи не со безброј отстапки пред шовинистичките барања на нашите соседи кои се дел од ЕУ.
Исклучително е важно да се забележи дека криминалното повратништво не зависи само од процесот на ресоцијализација што се одвива во казнено-поправната установа, туку директно зависи и од пост-пeналните (пост-казнените) политики со кои располага државата и колку истите се применуваат, како и од економската состојба на општеството. Исто и на ова поле нашата држава не може да се пофали со добро разработени и структурирани пост-пенални политики и практики. Многу едноставен пример: Како да очекувате дека лице кое нема обезбедено домување и е без работа, по издржување на затворска казна повторно да не се врати во затвор?! Повеќе од очигледно е дека социјалниот статус на поединката е во директна корелација со ризикот од криминално повратништво. Ако затворите се огледало на општеството, тогаш би кажале дека нашиот затворски систем е пред сѐ затвор за социјално ранливата категорија на луѓе, односно повеќето од вкупниот број на осудени лица за различни кривични дела се – пред сѐ – лица со низок социјален статус, што во превод значи дека сиромаштијата раѓа криминалци. Ова отвара многу други прашања кои се однесуваат и повторно нѐ враќаат на уредувањето на општествениот систем, кој што доколку се базира на социјални концепти, сликата за криминалната структура во затворите најверојатно би била поинаква.
Во едно неформално интервју со пензиониран работник од затворскиот систем кој што работел во социјалистичкиот период (кое повеќе наликуваше на приказна) и ни даде плеада на инормации и содржини од тој период, како и од периодот потоа – јасно се гледаат разликите и бенефитите што ги уживаа и вработените и осудените. Ние направивме кратка умствена репортажа што повторно ќе ве натера да се запрашате: што имавме, што жртвуваме, на кого се продадовме и кон што стремиме?
Раскажува…..
„Во тој период стигна писмо од Тито, тоа било во седумдесетите години, за кое писмо сите зборувале и тоа со позитивни коментари, дека Тито пред сѐ сакал државата да се вложи во процесот на намалување на криминалитетот така што особен влог од државниот буџет е издвоен за таа цел, со што се опфаќа и процесот на ресоцијализација, каде што на тој дел му се давала примарна улога, и самите вработени во тој процес уживале особен углед.“
Така господинот кој што сакаше да остане анонимен ќе продолжи…
„…За време на издржување на затворската казна, три работи мораа да бидат применети во процесот на третманот за едно осудено лице додека е во процес на ресоцијализација, а тоа беше:
– Задолжително да се настојува осудено лице да работи;
– обавезно да се вклучи во образовен процес доколку лицето е неписмено или има недооформено образование;
– и практикување на слободни активности како задолжителни.“
Во склоп на затворот Идризово во тоа време постоел Сектор Економија и Сектор Индустрија, што функционирале засебно, но во меѓусебна соработка одговарале на Секторот за Ресоцијализација и помагале во процесот на ресоцијализација на осудените лица. Така осудените лица биле вработувани на работни позиции во тие два сектори. Сектор Економија разполагал со 150 хектaри земја која се обработувала од страна на осудените лица. Се бавеле со краварство, овчарство, имале 5000 кокошки, зајци, гуски, шатки. Имало толку многу земјоделски култури што се одгледувале што понекогаш осудените не можеле да постигнат, па и дел од вработените им се придружувале, при што сите заедно допринесувале, пред сѐ за издржување на самите осудени лица, а дел од храната што се произведувала и се продавала на обичниот граѓанин.
„Тогаш пред идризовските продавници, кои ги имаше неколку во градот, имаше по 50 души редица за идризовското кисело овчо млеко кое било надалеку прочуено по својот квалитет. Во Сектор Индустрија имаше 25-30 различни занаети и занимања кои им беа дозволени на осудените лица да ги изучуваат и да работат, така што на добиените сертификати не пишуваше дека се стекнати во затвор, што по издржување на казната било од особено значење при вработување на бившо осудено лице. Постоеше ковачница, браварија, столарија, автосервис, автолимар, кројачко-шивачко одделение, ткајачница, пекара и др.
А, тие што не сакаа да работат, работеа во таканаречена корпара плетеа корпи од врбови прачки (се смее нашиот соговорник). Автосервисот беше на располагање на граѓаните од заедницата, и многумина ги носеа своите автомобили на сервис токму тука. Ќе влезе кола-баба, ќе излезе – мома. Функционираше и резбарско одделение кое што изработуваше различни скулптури, и надалеку прочуениот шах, на кој што му беше обезбеден загарантиран извоз за Словенија, а понатаму се продаваше и низ земјите во Европа.
Во однос на ОБРАЗОВАНИЕТО, нашиот соговорник вели дека во тоа време особено значење му се давало на образовниот процес како дел од процесот на ресоцијализација. Постоеле, таканаречени, истурени паралелки на училиштата кои нуделе различна образована програма по стручност во државата. Додека за наставниот кадар, вели се гледало да се вработува кадар кој што ќе може да одговори на потребите на образовниот процес, а доколку нешто фалело се гледало да се надополни со кадарот со кој располагале училиштата.
Во склоп на слободните активности вели дека имало многу избор, и лепеза на културно-спортски активности што биле на располагање на осудените лица за да си го пополнат слободното време со цел корисно исполнет ден. Нашиот соговорник набројуваше, што се чини дека времето беше премалку за сите детали и забелешки да се фатат. Но еве некои од нив….
-Спорт и спортски активности: се организирале меѓусебни натпревари. Имало неколку типа на игралишта за таа цел како одбојкарско, кошаркарско, фудбалерско . Имало табли за пинг –понг, како и фитнес сала;
-разгласна станица- се правеле радио-емисии -“Од нас за вас‘‘ (се сеќава каде имале и соработка со Радио Скопје);
-постоела драмска и литературна секција, театарски групи од градот доаѓале хуманитарно да настапат пред осудените лица и тоа им било дел од планот и програмата;
-Музичка секција- концерти организирале и Македонската филхармонија, како и Операта. За таквите настапи имaло посебно опремена КИНО-САЛА во склоп на Идризово, која имала капацитет од 440 седишта, но редовно се преполнувала со околу 700 луѓе , за што бил обезбедено и соодветно обзебедување за одржување на редот – вели нашиот соговорник.
-Ликовна секциија- се организирале изложби низ град, играорна група, домски весник кој се распростраувал по сите судови и пенитенцијарни установи низ Југославија.
Интересен момент е да се спомне формата на ‘’осуденичко самоорганизирање’’ кое подразбирало дека осудените сами се грижеле за хигиената. На некој начин на осудените лице им се давало легимитет за контрола за одржување на редот и дисциплината, така што и тие се осеќале значајни , истовремено дел од осудените кои уживале поголем авторитет во групата им било дозволувано во одреден степен да го одржуваат редот и дициплината, а тоа влијаело врз психата на осудените на тој начин што се влијаело врз свеста дека и тие, како и вработените, имаат еднаков удел во придонес кон заедницата, што од друга страна има доста моќен ефект во просецот на ресоцијализација. Така нашиот соговорник споделува дека во тоа време требало само три униформирани лица да обезбедуваат две одделенија и пак сѐ било во најдобар ред.
„Тогаш на прво место беше поведението на осудените и од тоа им зависеше користењето на погодности кои им следуваат низ процесот на третманот, доколку се исполнат одредени критериуми кои се пропишани со закон. Најбитно е што власта, или легитимитетот за дозвола за користење на било каква погодност зависеше директно од воспитувачите и нивниот збор беше моќен, за разлика од сега кога стручната работа е обезвредната и сѐ се гледа низ призмата на политиката и парите. Дополнителна стимулација во процесот на ресоцијализација беа и психолошките програми за корекција на поведението, а за таа цел беа ангажирани психолози кои организираа индивидуална и групна работа. Посебен акцент се даваше на тимската работа- и тоа беше нешто што се гледаше низ цела Југославија.”
Нашиот соговорник се сеќава дека стимулирањето на тимската работа достигала и ниво од поголем размер и во делот на стручната работа, така што 3-4 пати годишно се организирале советувања на стручните работници на ниво на Југославија, каде се разменувале искуства во однос на практиките во процесот на ресоцијализација и нивните резултати, па заеднички работеле на процесот на унапредување на практиките за ресоцијализација на просторите на тогашна Југославија.
„Имавме веќе развиени и усовршени готови форми и решенија за многу проблематики и истите покажуваа очигледни резулатати. Имавме со што да се пофалиме и што да понудиме на многу земји да учат од нас. Нешто што функционираше го уништија и го вратија на почеток, па сега ние мораме да учиме од нив, наводно програми со европски стандарди. А сѐ имавме и сѐ знаевме, а сега нѐ обезвреднуваат и нѐ тераат да учиме од нив, и накрај треба и да им ракоплескаме.”