Смртоносната политика на САД за КОВИД – 19 ќе го подели светот, присилувајќи ги земјите да ги преиспитаат своите сојузи

Напишано од Џон Рос, виш научен соработник при Чонгианг Институтот за Финансиски Студии, Ренмин Универзитетот во Кина и поранешен директор за економска и бизнис политика на градоначалникот на Лондон. Има живеено во Москва од 1992 – 2000.


Неможноста на администрацијата на Трамп да го сфатат корона вирусот сериозно не само што ќе предизвика илјадници смртни случаи, туку и засекогаш ќе ја промени глобалната политичка мапа. САД се сега смртоносна закана за секое лице на планетата – тоа е неизбежниот исход со одлуката на Вашингтон да ги укинат своите веќе прилично ограничени мерки, и покрај фактот што вирусот продолжува да беснее со сета сила во рамките на државата.

Ова кај нив ќе подразбира смрт на уште десетици илјади Американци, создавајќи број на жртви на американска територија споредбена само со епидемијата на шпански грип во 1918 и Граѓанската Војна. Од друга страна, меѓународните последици ќе предизвикаат светот да се подели на две зони. Првата, центрирана на Азија и Западниот Пацифик, вклучувајќи ги Австралија и Нов Зеланд, во основа го доведе вирусот под контрола. Но, втората зона, центрирана на САД, заедно со мал број на земји како Бразил, Шведска и Обединетото Кралство во суштина ги укинаa сите сериозни обиди за стопирање на пренесувањето на корона вирусот.

Иако некои држави и градови во САД силно се спротивставуваат на насоките на администрацијата, не се моќни колку федералната влада. Во суштина, сегашната федерална политика на САД ќе дозволи ширење на корона вирусот без ефикасна контрола до претседателските избори во ноември, кои ќе овозможат шанса за смена на гореспоменатата администрација. Глобалната ситуација е најјасно прикажана со стапката на смртност по жител. За време на пишувањето на оваа статија, податоците прикажуваат дека повеќето земји од Азија и Западниот Пацифик имаат успеано во искоренување или сузбивање на вирусот – просечната бројка на дневно починати по милион жители во Кина е нула, Јужна Кореја 0,01, Австралија 0,01, Нов Зеланд 0,03. Во меѓувреме, во САД е 5,07, а Велика Британија 7,01 починати по милион.

Различни стратегии, различни исходи

Oвие факти прикажуваат дека постојат две сосема некомпатибилни стратегии во справувањето со корона вирусот. Првата во Азија, Западниот Пацифик и делови на источна Европа може да се нарече „стратегија на искоренување“ – употребувајќи строг полициски час или карантин (спречувајќи вирусот да влезе во земјата), со цел да се намали бројот на случаи со КОВИД – 19 до нула или блиску до нула. Успехот на таа стратегија, прикажано во податоците, убедливо покажува, барем во развиените земји, дека какво било тврдење дека вирусот не може да се искорени е неточно.

Вториот пристап кој е проследен најјасно од страна на американската администрација е да се дозволи ширењето на корона-вирусот меѓу популацијата без ефикасна контрола, резултирајќи со стотици илјади смртни случаи. Речиси никоја влада повеќе не се осудува да зборува отворено за стратегија на „колективниот имунитет,“ којашто првично беше спроведена во Британија, поради јавната одбивност за огромниот број на мртви која таа предизвикува. Но, реално, оваа политика останува да се практикува од страна на САД и неколку други земји како Бразил, Шведска и Британија, бидејќи не се преземаат никакви суштински и ефикасни мерки за да се стави вирусот целосно под контрола.

Поделеност на светот

Ова резултира со неизбежна поделба на светот на „здрава/чиста“ зона во Азија/Западниот Пацифик. заедно со неколку Источноевропски земји и „нездравата/заразена“ зона во САД и делови од Западна Европа. Овие две зони се секако поврзани една со друга. Тоа значи дека секој авион или брод од САД ќе претставува смртна опасност за популацијата на секоја земја во која ќе пристигне. Земјите од Азија/Западниот Пацифик сега се соочени со многу веројатната можност да се заразат со вирусот преку САД, а сите останати делови на светот надвор од овие две зони ќе бидат соочени со изборот помеѓу живот или смрт за неколку недели од сега. Главниот глобален механизам за пренесување на корона-вирусот до сега беше воздушниот транспорт. Ова е брз, но скап механизам на пренесување кога ќе направиме споредба во светот како целина. Како последица на тоа, најлошо погодените региони во почетокот беа Кина, каде започна заразата и која е релативно напредна земја во развој и развиените земји – Западна Европа и САД.

Помалку развиените земји (Африка, поголемиот дел од Латинска Америка и делови на Источна Европа), кои не се толку воздушно поврзани, дури сега почнуваат да го осознаваат разорниот потенцијал на вирусот. До сега, во повеќето земји во овие региони бројот на случаи и смрт по глава на жител е се уште низок, не многу повисок од како во Азија/Западниот Пацифик. Според тоа, дали овие земји ќе останат со здравите региони со мала стапка на смртност на Азија/Западниот Пацифик или ќе бидат понесени во нездравата зона со висока стапка на смртност на САД?

Ваквиот избор има огромни геополитички и внатрешно – политички последици. Досега, земјите кои се на меѓународно ниво усогласени со САД беа навикнати на закани со економски притисоци. На пример, САД се обиде да ја натера Германија да го напушти Nord Stream 2 гасоводот од Русија, и покрај тоа што претставува доток на енергија со најниска цена за земјата. Исто така, САД се обидуваа да ја уверат секоја земја да не го користи кинеското Huawei во развивање на 5Г телекомуникацискиот систем, немајќи многу успех во тоа до сега.

САД е центар на зараза

Владите насекаде низ светот сега се соочуваат со центарот на заразата од САД, што претставува закана за здравјето на нивната земја. Тука секако се и Американците кои се противат на мерките за блокирање на транспортот од САД, со што се заканува ширење на вирусот. Импликациите не се само медицински, туку и политички. На секоја влада на која нема да и успее да го стави корона-вирусот под контрола поради притисокот од страна на САД, се соочува со заканата да биде дестабилизирана од социјални последици. Според тоа, појавата на САД како главен центар за зараза со корона вирусот во светот, политички ќе влијае врз секоја земја.

Во рамките на својата земја, САД ќе ја даде својата пресуда за справувањето со вирусот на администрацијата на претседателските избори. Влијанието на вирусот врз американската политика ќе биде огромно. Не станува збор само за тоа што веројатно ќе починат десетици илјади Американци, бидејќи вирусот се шири од своите почетни центри во големите градови во помалите градови и рурални области. Така ќе бидат заразени милиони Американци, поради тоа што секое одење до супермаркетот би можело да се претвори во потенцијално животно-загрозувачко искуство.

Исто така, сето ова ќе има остар ефект на глобалната економија. САД веќе влегува во својата најголема рецесија од Големата Депресија навака. Меѓутоа, бидејќи земјите од Азија/Западниот Пацифик го ставија вирусот под контрола, тие можат да започнат со повторното стартување на нивните економии. Ова не беше заклучено само во Кина, туку и од главните западни истражувачки тела.

Во Economist Intelligence Unit го пишува следното: „Со оглед на тоа што Кина беше првата што излезе од кризата, ќе биде и првата на патот за закрепнување. Кина и останатите брзорастечки економии во Азија веројатно ќе закрепнат побрзо поради нивните основни предности во однос на силните инвестиции, иновации и раст на продуктивност. Според тоа, во следните години пандемијата најверојатно ќе ја ребалансира глобалната економска моќ од Запад кон Исток.“

Ваквите промени во глобалната економија и геополитиката предизвикани од корона-вирусот ќе бидат огромни. Но, дури и пред целиот тој расплет, секоја земја во следните денови и недели ќе биде соочена со изборот кој драстично ќе влијае врз нејзината иднина. Администрацијата на САД е тргната во насока која сигурно ќе предизвика масовни жртви во земјата, претворајќи ја во глобален центар на пандемијата. Нејзините граѓани подоцна годинава ќе одлучат дали и понатаму ќе ја прифаќаат оваа насока, но, најважното прашање е дали ќе биде дозволено да се зарази целиот свет.  


Превод: Александар Панајотов