АктуелноЛокално

Образовните асистенти од Карпош оставени на цедило, помош од надлежните се’ уште нема

Денес нашата редакција ја контактираа образовни асистенти на деца со посебни потреби кои што имаат проблем со неисплата на нивните плати и придонеси. Се работи за образовните асистенти од општина Карпош, кои посветено работеле со децата со посебни потреби во училиштата, а чиишто плати и придонеси сепак не се исплатени. Оваа голгота на образовните асистенти се случувала минатите два месеци, односно  април и мај, по што биле известени дека нивниот работен однос е ставен во мирување, а потоа и раскинат, со образложение дека децата кои имаат потреба од нив останале дома поради кризата која што ја зафати Република Македонија.

Образовните асистенти не добиле плата согласно потпишаните договори и биле оставени сами на себе во овие тешки услови. Дел од нив биле ангажирани на полно, а дел на делумно работно време, но  нагласуваат дека работеле со многу љубов и почит кон овие деца, и дека за ништо на светот не би ја замениле оваа работа. Тие потенцираат дека се премногу разочарани и револитирани поради тоа што се изоставени од страна на Владата во мерките кои беа донесени во изминатиов период и дека бараат нивната ситуација да се разреши што поскоро. 

Овие работници напоменаа дека претходно месечниот надомест го добивале преку УНДП, како финансиер во соработка со општината, а а како дел од Програмата „Образование без пречки“ за општинско корисна работа, преку кој на почетокот на учебната 2017/18 година, Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за образование и наука, обезбеди средства за ангажирање на 106 образовни асистенти и 34 лични асистенти за деца кои посетуваат настава. Но, откако прекинала исплатата од УНДП, поради ситуацијата со КОВИД-19, тие упатиле неколку барања за помош од општина Карпош, од кадешто биле одбиени поради тоа што „повеќе не биле даватели на услугите и немало причина да добиваат надомест се’ до повторно почнување  на наставата“. 

Групата на образовни асистенти за деца со посебни потреби од општина Карпош бара од надлежните органи сериозно да го разгледаат нивниот проблем бидејќи се работи за човечка егзистенција, и апелираат на тоа дека потребна е брза реакција.