Ако некој во Европа сè уште живее во илузијата дека Соединетите Американски Држави со раширени раце ќе притрчаат во случај на напад – време е за будење, вели Јан Филип во анализа за „Политико“. Последните протечени приватни пораки од американски политичари јасно покажуваат: Америка е уморна од спасување на Стариот Континент.
„Едноставно мразам што треба повторно да ја спасувам Европа“, пишува потпретседателот Џеј Ди Венс во пораките објавени од „Атлантик“. Секретарот за одбрана, Пит Хегсет, додава: „Целосно го споделувам твоето гадење со европскoто шлепање на наш грб. Срамота е.“ Да, затоа што ничто не вика „сојузништво“ како малку пасивно-агресивен презир.
Овие пораки, колку и да се „топли и пријателски“, се сигнал до Европа: време е да престанеме да се потпираме на големиот брат преку океанот. Зашто ако дојде до напад – на пример од Русија – не изгледа дека Вашингтон со задоволство ќе испрати свои војници да ја спасуваат Европа… уште еднаш.
Германскиот безбедносен експерт Карло Масала предупредува дека Русија би можела да нападне до 2029 година – а некои се позагрижени и мислат дека тоа може да се случи уште порано. И не, не станува збор за сценарио од холивудски филм – туку за реална проценка во безбедносните кругови.
А што правиме ние? Па, Германија и неколку други европски земји со години „совесно“ го игнорираа развојот на својата армија. Русија, во меѓувреме, се префрли на воена економија, а Европа штотуку сфати дека можеби сепак не живееме во вечен мир.
Во овој контекст, Филип заклучува: на Европа ѝ е потребен сопствен нуклеарен чадор. Не зашто сакаме да играме во „Доктор Стрејнџлав“, туку зашто времето на наивна доверба помина. Да, Германија се откажа од нуклеарното оружје – не еднаш, туку двапати – ама времињата се менуваат, зар не?
И бидејќи Германија сама не може (или не смее), веќе се разгледува идејата за европски нуклеарен арсенал – можеби со Франција, можеби со Британија, можеби и со Полска. Звучи како сценарио за дипломатски кошмар? Можеби. Но, ако нешто нè научи историјата, тоа е дека дипломатските кошмари често се помалку страшни од вистинските.
Се разбира, има „мали“ прашања како: кој ќе притиска на црвеното копче? Дали француски претседател навистина ќе сподели контрола врз нуклеарниот арсенал? Можеби не. Но, дебатата мора да се отвори – без табуа.
Во духот на креативноста, Волфганг Ишингер дури предложи француските нуклеарки да се распоредат во Германија или Полска – по примерот на сегашната нуклеарна поделба со САД. Практично, нели?
Новото политичко лице на Германија, канцеларот Фридрих Мерц, покажал интерес да размислува стратегиски – што, искрено, е пријатно изненадување. Ако успее да ги убеди своите партнери во Париз, Лондон и Варшава, можеби Европа конечно ќе добие свој нуклеарен чадор. Или барем чадор со заеднички клуч.
И бидејќи сè се случува во 21. век, авторот Филип завршува со една молба до идните стратези на европското одвраќање: „Само ве молам, не договарајте ништо на Сигнал.“